Реконструирана болницата во Отешево

Сподели

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински го посети Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања – Отешево, во кој за првпат од постоењето се презедоа мерки за подобрување на условите за третман на пациентите и за работа на медицинскиот персонал, благодарение на инвестицијата на Министерството и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Објектот веќе работи со полн капацитет, реконструиран е кровот, 18 соби, делот за приемна дневна терапија, лабораторија за спирометрија, набавен е сет од дигитална апаратура за физикална терапија, извршена е реконструкција и на тоалетите.

„Лично се уверив, дека првпат, после четири децении, пациентите конечно имаат соодветни услови за престој, а персоналот за непречено извршување на тековните обврски. Сега пациентите не треба да стравуваат дека во собите ќе им прокиснува и при ситен дожд. Овозможен им е и интернет пристап, а купена е и ставена во функција опрема со која се дигитализирани и олеснети услугите за пациентите. Особено ме радува што денеска сведочам за соодветните стандарди кои треба да ги нуди оваа специјализирана институција, единствена од тој тип во државава,“ истакна министерот Перински, кој го посети Заводот заедно со директорот, д-р Благоја Китановски и директорот на Центар за развој на Пелагониски плански регион, Јосиф Балтов.   Сите беа согласни дека, според својата функционалност и начин на делување во своето подрачје, Заводот нема само регионално, туку и национално значење, затоа што во него доаѓаат пациенти од целата држава, но и од регионот.

„Болницата е и воздушна бања која помага и во пост КОВИД рехабилитација, што е од особено значење ако се има предвид големиот број на граѓани со последици од пандемијата,“ посочи Китановски, кој истакна дека пациентите решението за своите здравствени проблеми го наоѓаат во оваа установа, не само поради специјализираноста, туку и поради местоположбата. „Самиот преспански микрорегион е туристичка атракција како за домашни, така и за странски туристи, притоа зголемувајќи ја атрактивноста на цел пелагониски регион. Сето ова е предуслов за развој и на здравствениот туризам,“ посочи Јосиф Балтов, директорот на Центар за развој на Пелагонискиот плански регион.   „Сега, кога установата ги поседува соодветните стандарди во секој поглед, а и локациските фактори се во наш прилог, верувам дека со понатамошна заедничка соработка ќе придонесеме и за развој на здравствениот туризам. Имаме услови, имаме визија, верувам во позитивни резултати,“ додаде Перински.   Установата постои повеќе од 42 години и на пациентите им овозможува физикален третман, кинезитерапија, вежби за дишење, дренажи, кондициски вежби, инхалации и други методи според највисоките светски стандарди. Сите овие третмани, до пред реализацијата на проектот, се изведуваа во отежнати услови поради немање соодветна опрема и инфраструктура.   Осовременувањето на установата чинеше 23.483.676 денари, Министерството партиципираше со 13.203.086 денари, а 10.280.590 денари обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка.