После денешното обраќање на човекот што извршува една од одговорните функции, Претседател на Република Македонија, господинот Ѓорге Иванов денеска не останува ништо освен да изразиме жалење што не успеавме да слушнеме надминување на реториката и реперите што сиве овие години ги наметнуваше партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Господинот Ѓорге Иванов ја испушти приликата да се надмине себеси и партиската политика на поделби и конфликти, и да покаже дека е на нивото на својата одговорност претседател на Република Македонија и за оваа клучна година за реставрација на демократијата во Република Македонија да даде минимален придонес кон помирување кое толку често го истакнуваше во неговиот говор.
Не успеа да ја надмине реториката на поделба и конфликти, напротив ги продлабочуваше со секој искажан збор во неговото експозе.
Слушнавме срамен тесно-партиски политички говор на Иванов, за се, само не за неговата срамна улога во генерирање и продлабочување на политичката криза изминативе години. Десет години претседателот Ѓорге Иванов, не крена глас за ништо во оваа држава, ниту за длабоката партизација на јавната администрација, ниту за политичко- полициско– судски монтираните и нарачуваните процеси, ниту за прогонот против политичките неистомисленици, ниту за индексот и растот на корупцијата во Република Македонија, тој не ги коментираше масовните грабежи на народните пари, не ги коментираше еколошките проблеми на којшто денеска доминантно стави акцент не ги коментираше ниту настаните од црниот понеделник 24 декември 2012 година, а најмалку го коментираше упадот и обидот од нарачаните обиди за убиство во Собранието на Република Македонија во април оваа година и одговорностите на оние којшто тој ги нарекува причинители за којшто се иззема самиот, како дел од нив.
Денес, наместо прецизно да се лоцираат токму тие причинителите во којшто и тој самиот требаше да се посочи, се направи една срамна генерализација на севкупните проблеми во изминативе години со цел тоа да се препише како условно кажано „заслуга на новата влада“, без тоа да го истакне сето она што имаше прилика да го истакнува во годишните обраќања сиве овие години наназад.
Дополнително, тој успеа да фрли дамка на обидот на владата и на напорите што ги прави за зајакнување на добрососедските односи како една од клучните репери и барања на меѓународната заедница за процесот на евро- атлантски интеграции на Република Македонија. Напротив, и тие обиди за негување на добрососедските односи, за јакнење на кохезијата меѓуетничка во Република Македонија, тој во неговиот говор фрли дамка. И тоа верувам дека граѓаните го забележуваат и е доказ дека тој не настапи како претседател на сите граѓани на Република Македонија.
На истекот на годината кога граѓаните си ја вратија заробената држава и покажаа дека се одговорен и државотворен народ, сите политичари и сите носители на јавни функции, имаат обврска да ги застапуваат интересите на сите граѓани во Република Македонија, а со тоа и интересите на државата.
Секоја власт е одговорна за својот народ, за секој граѓанин, поединечно.
Само интегрирана Македонија која што ќе го обедини множеството на различности, ќе биде стабилна, просперитетна и респектирана Република Македонија.
Наша задача е да го направиме токму овие исчекор, да ги обединиме граѓаните околу нашите заеднички цели и да ја заокружиме визијата за одговорна, економски напредна и респектирана Република Македонија.
Тоа се нашите приоритети!