Родителите се должни во градинката да приложат потврда за здравствена состојба на детето

Сподели

 

Обврска на државата и на надлежните органи во состојба на прогласена епидемија е да ги преземаат сите потребни мерки за зачувување и заштита на здравјето на населението особено на децата. Министерството за труд и социјална политика информира дека по однос на препораките на Комисијата за заразни болести за прогласување на епидемија на територија на Град Скопје, до овој момент ниту од Владата ниту пак од Министерството за здравство немаме добиено официјално никакво известување, насоки, препораки и заклучоци.

Согласно член 203 од Законот за заштита на децата надзор над стручната работа во остварувањето, згрижувањето, воспитанието, престојот, негата, исхраната, како и на мерки и активности утврдени во овој закон, врши Министерството за труд и социјална работа, над остварувањето на образовната работа Министерството за образование и наука, а над здравствената заштита во детските градинки ја врши Министерството за здравство, се огласија од МТСП.  

Во одредбата од член 60 став (10) од Законот за заштита на децата, е децидно наведено дека, родителите се должни при приемот на детето во градинката да приложат потврда од матичниот лекар за здравствената состојба на детето.

Исто така, согласно Правилникот за формата, содржината и начинот на водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој, при упис на децата задолжително во досието што се води за детето треба да има и  податоци за здравствена состојба на детето што ги пополнува и заверува матичниот лекар на детето при запишувањето во детската градинка/центар за ран детски развој, како и за секоја воспитна година во која детето престојува во детската градинка/центар за ран детски развој. Податоците содржат: име, презиме, датум и место на раѓање на детето, податоци за вакцинален статус и примени вакцини (според личен картон за извршена имунизација) и општи податоци за неговата здравствената состојба, име, презиме, потпис и факсимил на матичниот лекар, податоци за контакт и датум на пополнување. 

Инспекциската служба согласно законските надлежности на министерството се на терен и ги следат досиеата на децата, а кои треба да ги содржат доказите за здравствената состојба што е предуслов за прием и престој на децата во предучилишните установи. 

Детските градинки како институции кои се надлежни за згрижување и воспитување на деца се должни да ги почитуваат законските одредби со цел заштита на децата и нивното здравје, информираат од МТСП.