Рокот за поднесување амандмани за законот за јазици истекува денес

Сподели

Рокот за поднесување амандмани за предлог-законот за употреба на јазиците истекува денес, а амандмани ќе поднесат сите партии освен ДУИ.

ВМРО-ДПМНЕ ќе интервенира во делот во кој, според партијата, се загрозува македонскиот јазик. Од СДСМ велат дека ќе поднесат амандмани во насока на разјаснување на дилемите околу казните што ги предвидува законот и на обвинувањата дека тој ќе го загрози унитарниот карактер на Македонија.

Движењето Беса преку амандмани ќе бара официјализирање, а не само унапредување на употребата на албанскиот јазик.

– Ние ќе направиме соодветни интервенции со амандмани во насока на целосно официјализирање на албанскиот јазик, како што е предвидено во заедничката декларација на албанските политички партии – изјави Реџеп Мемеди од Беса.

Артан Груби, пак, рече дека пратеничката група на ДУИ нема да поднесе амандмански предлози, оти нивните забелешки веќе се доставени до Венециската комисија.

Тој, како претседател на собраниската Комисија за европски прашања, комисиската седница на која во второ читање ќе се разгледува предлог-законот за употреба на јазиците, ја закажа за 22 ноември – Денот на албанската азбука.

Во средата, на продолжението на 15. собраниска седница, пратениците со 66 гласа „за“ и со 41 глас „против“ му дадоа виза на предлог-законот за употреба на јазиците за второ читање во надлежните комисии.