Со денешното разрешувањето на Марко Зврлевски од функцијата државен јавен обвинител, Владата може да почне со процедурата за именување на негов наследник. Ако разрешувањето на Зврлевски ја окупираше јавноста добар дел од летото, со развлекувањето на расправата од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш речиси извесно е дека постапката за именување на нов јавен обвинител, која и онака е покомплицирана, ќе биде актуелна во текот на оваа есен.
Постапката за назначување на нов Јавен обвинител е уредена со членот 41 од Законот за јавно обвинителство:
- Владата дава предлог до Собранието;
- Собранието распишува оглас за кандидати за јавен обвинител во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весника од кои еден мора да биде на албански јазик;
- Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од денот кога огласот ќе биде објавен во „Службен весник“;
- За именувањето на новиот државен јавен обвинител, Владата мора да поднесе барање за мислење до Советот на јавни обвинители, кое овојпат има обврзувачка улога, за разлика од постапката за разрешување, кога мислењето на Советот е повеќе од процедурална природа;
- Советот има рок од 15 дена од денот на приемот на барањето од Владата да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.
По ова Владата до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител со кандидатите за кои Советот дал позитивно мислење.
- Доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рок од 15 дена не достави мислење, добива дополнителен рок од 15 дена;
- Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно – што е друга разлика од постапката за разрешување;
- Во случај Советот да не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да достави предлог за именување јавен обвинител и може да му предложи на Собранието да го повтори огласот;
- За разрешувањето и за именувањето јавен обвинител, Собранието одлучува со просто мнозинство, односно со 61 глас.
Покрај, основните услови – да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да е во добра општа здравствена состојба, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија – кандидатите за државен јавен обвинител треба да исполнуваат и посебни услови. Тоа подразбира да имаат работно искуство од најмалку осум години со потврдени резултати на правни работи по положениот правосуден испит, или редовен или вондреден универзитетски професор кој предавал повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.
Премиерот Заев вчера изјави дека негов личен став е новиот јавен обвинител да биде експерт, кој ќе ја има довербата, пред сè, кај граѓаните.
Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години, со право на повторен избор.
Дел од медиумите излегоа со информации дека до назначувањето на нов државен јавен обвинител, вршител на должност на функцијата ќе биде поранешниот министер за труд и социјална политика и поранешен заменик-министер за внатрешни работи Џелал Бајрами.