Рот: ЕУ да ги исполни ветувањата кон Македонија

Сподели

 

Европската унија треба да ги исполни ветувањата дадени кон земјите од Западен Балкан, вели државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот , по вчерашната препорака од на Европската комисија дека Македонија и Албанија ги исполниле условите и веднаш да почнат преговорите за членство во Унијата.

„Во Македонија и Албанија беше направен видлив напредок. Сега е ред на ЕУ да испорача. Ние треба да си стоиме на зборот и треба да ги исполниме нашите ветувања“, пишува Рот во колумна за „Франкфуртер алгемајне цајтунг”.

Наспроти ваквиот став на Рот, германскиот весник потсетува на изјавата на пратеникот од владејачката ЦДУ Гунтер Крихбаум дека одлуката за почеток на преговорите тешко ќе биде донесена пред октомври, бидејќи препораката мора да помине во германскиот Бундестаг и парламентите на 28 земји членки на ЕУ, а за тоа, како што вели, потребно е време.

Од друга страна, европратеникот од германската ЦДУ, Елмар Брок, пак, за МИА вчера изјави дека преговорите за членство во ЕУ со Македонија треба да почнат без одложување. Брок, сепак, призна дека конечната одлука која треба да ја донесат земјите членки на Унијата би можела да биде одложена за некој месец.