Решавањето на спорот за името меѓу Грција и Македонија е типичен пример за мирно надминување на проблемите меѓу европски партнери. Компромисот го поплочува патот за евроатлантска интеграција на Северна Македонија. Сега исто треба и Европската унија да испорача, пишува државниот секретар за европски прашања при германското МНР Михаел Рот во текстот „Патот на Балканот мора да води кон ЕУ“ објавен во германскиот весник „Ди Велт“ – пренесува МИА.
– Храбри и посветени политичари на двете страни направија историја преку нивната лична заложба. Во меѓувреме и парламентите во Македонија и Грција, исто така, го ратификуваа Договорот од Преспа со кој се решава 27-години стариот спор за името. Дебатите во Скопје и Атина беа контроверзни и полни со зовриени национални страсти и потпалувани стравови. За одврзување на гордиевиот јазол премирите Алексис Ципрас и Зоран Заев ризикуваа многу политички, но и добија многу за своите држави и целиот регион – вели Рот.
Со Договорот од Преспа, Грција се обврзува дека нема повеќе да го блокира патот на Македонија кон ЕУ и НАТО, а дополнително двете страни прифаќаат конкретни чекори за помирување и поблиска соработка.
– За Скопје да продолжи на својот реформски пат ЕУ перспективата мора да остане јасна и видлива за Македонците. Големо мнозинство, особено од младите генерации се стреми кон Европа. Кредибилен процес на пристапување секогаш ги вклучува и двете страни. ЕУ сега исто така треба да испорача од своја страна. За успешни напори од земјите кандидати е потребен конкретен напредок во процесот на пристапување. Затоа ЕУ треба сега да започне брзи пристапни преговори со Северна Македонија – пишува германскиот државен секретар за европски прашања Рот.
ЕУ перспективата за земјите од Западен Балкан, посочува, претставува исто така голема можност и за самата ЕУ.
– Доколку паметно ја искористи таа е од наш стратешки интерес. Но, доколку ЕУ не успее на Балканот, во регион што е историски, географски и културолошки близок со нас, како може да биде гледана како сериозен глобален актер. Со решавање на спорот за името Скопје го трасираше вистинскиот пат кон ЕУ и истовремени испрати јасна порака заз регионот – национализмот и популизмот водат кон слепа улица – вели Рот.
Според него, ставот „да“ за промената на името истовремено е „не“ и отфрлање на националистичките сили на Балканот.
– Во време кога популизмот и национализмот го тестираат европскиот модел, помирувањето меѓу Македонија и Грција е вистински мотив за остатокот од Европа – обединување наместо поделби, дијалог и компромис наместо национализам и егоизам – тоа е она што сите ЕУ партнери треба да го земат како пример – заклучува Михаел Рот.