РСБСП: Oдбележете го празникот достоинствено – не управувајте моторно возило под дејство на алкохол!

Сподели

 

Лето, време на годишни одмори, во пресрет на најголемиот државен празник – Илинден, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите учесници во сообраќајот за совесно, одговорно и пред сѐ безбедно учество во сообраќајот.

Искуството и статистиката од минатите години  покажуваат дека ова е најризичниот период од годината кога е во прашање безбедноста во патниот сообраќај.

Следуваат денови кога се одбележува еден од најголемите национални и верски  празници, сезона е на годишни одмори и продолжен викенд.  Интензитетот на сообраќајот повекратно се зголемува, се зголемува сообраќајниот метеж, опуштена празнична атмосфера, со многу забава и алкохол. Затоа, РСБСП потсетува дека  единствениот услов за безбеден сообраќај за време на овој продолжен викенд  и празничните денови е максимално да ги почитувате сообраќајните правила и прописи, да ги почитувате правилата за ограничување на брзината, да ја прилагодувате брзината согласно условите на патот и да не управувате моторно возило под дејство на алкохол. Само така ќе бидете сигурни дека безбедно и на време ќе пристигнете до саканата дестинација.

РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот:

  • Бидете смирени во сообраќајоти не се однесувајте агресивно во сообраќајот. Агресивното и нервозно учество во сообраќајот нема да ја намали гужвата и сообраќајниот метеж.
  • Немојте да возите слалом, да пристигнувате на полна линија или да пристигнувате колона на возила.
  • Бидете фокусирани и концентрирани  во сообраќајот и не користете мобилен телефон и други технички помагала за време на управувањето со возилото.
  •  Прилагодете ја брзината кон моменталните услови на патот и ситуацијата во која во моментот се наоѓате.
  •  Држете безбедно растојание помеѓу возилата.
  •  Возете одморени, со претходно испланирано патување и со редовни паузи за време на патувањето.
  • Направете техничка проверка на возилото и бидете сигурни дека вашето возило е подготвено за безбедно патување.
  •  Користете сигурносен појас и соодветно детско седиште.
  • Проверете го товарот пред да тргнете на пат и товарете го вашето возило умерено и согласно препораките на производителот.

Без разлика на кој начин учествувате во сообраќајот – возач, мотоциклист, велосипедист или пешак, најважен услов да пристигнете безбедно до саканата дестинација е да не учествувате во сообраќајот под дејство на алкохол и психотропни супстанции.

 

Учествувајте одговорно во сообраќајот и не дозволувајте најголемиот државен, национален и верски празник да се претворат во нечија семејна трагедија.

РСБСП на сите учесници во сообраќајот им го честита големиот национален и верски празник – Илинден  и им  посакува безбедни патувања и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Возете одговорно и останете безбедни во сообраќајот !

Честит 2-ри Август!   Честит и вечен ИЛИНДЕН!