РСБСП: Одличен 5 ако внимаваш на децата во сообраќајот!

Сподели

Како што петката е цел на секој добар и успешен ученик, така подобрување на безбедноста на децата во сообраќајот и подобрување на сообраќајното поведениe на учесниците во сообраќајот, е цел на новата кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата која ќе се реализира во наредниот период.

Безбедноста на децата во сообраќајот е сериозен предизвик на сите современи општества и врвен приориотет во работата на РСБСП. Во таа насока, традиционално, со почетокот на секоја учебна година, Советот реализира сообраќајно-превентивни активности за помалку настрадани деца во сообраќајот. Потребата да се реализираат кампањи за поголема безбедност на децата во сообраќајот, произлегува од фактот дека само во 2015 година, 9 деца на возраст до 4 години, го загубија животот во сообраќајни незгоди и 13 деца на возраст од 5 до 18 години. Во 2016 година, исто така, 5 деца на возраст до 14 години и 9 деца на возраст од 15 до 19 години, го загубија животот во сообраќајни незгоди. Слична е состојбата и во 2017 година, кога 4 деца на возраст до 14 години и 14 деца на возраст од 15 до 19 години, го загубија животот во сообраќајни незгоди.

Тоа значи дека за период од само 3 до 4 години, Република Македонија губи цел еден клас деца, што е ненадоместлива загуба за семејствата и за општеството во целина.

Одличен 5 ако дополнително внимаваш на децата во сообраќајот, ако си добар пример за твоето дете, ако внимаваш на пешаците, ако возиш со намалена брзина… Ова се дел од пораките кои ќе бидат испратени во рамки на кампањата.

Создавање систем на општествени вредности во кој сообраќајната култура, етиката, однесувањето и навиките во сообраќајот ќе заземаат значајно и високо место е најефикасен начин за долгорочно и трајно подобрување на безбедноста во сообраќајот. Токму затоа, РСБСП секоја година реализира повеќе кампањи за едукација на децата и за подигање на јавната свест за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Кампањите се средство преку кое целиме кон тоа да ги информираме и да ги едуцираме децата за основните правила и прописи во сообраќајот, да ги запознаеме со секојдневните предизвици во сообраќајот, односно да ги оспособиме да ги препознаат ризикот и опасностите во сообраќајот и последиците од неодговорно учество во сообраќајот. Покрај децата, цел на РСБСП е едукација и на возрасните, односно подобрување на нивното поведение во сообраќајот кога е во прашање безбедноста на децата во сообраќајот – потенцираат од РСБСП.

Во рамки на кампањата за поголема безбедност на децата во сообраќајот ќе бидат реализирани голем број сообраќајно-едукативни активности и настани: организација на едукативни предавања и јавни сообраќајно-едукативни настани во училиштата и градинките, изработка и дистрибуција на сообраќајно-едукативни материјали со креативна содржина, едукација преку јавните и социјалните медиуми итн. Во соработка со Триглав Осигурување, ќе бидат обезбедени флуоресцентни елеци за поголема видливост на децата – учениците во сообраќајот.

Мотото и пораката на РСБСП во оваа кампање е: „Секоја грешка и секое незнаење имаат своја цена, но незнаењето и грешките во сообраќајот, чинат загубени човечки животи. Крајно време е, сите ние како заедница и секој поединечно, да го преземеме својот дел од одговорноста и да го дадеме својот придонес за поголема безбедност на децата во сообраќајот.“

Дали и ти како учесник во сообраќајот ќе добиеш петка од дечињата?! – одговорноста е твоја!