РСБСП: Родители, користете детско седиште и ставајте им појас на децата!

Сподели

 

Статистиката покажува дека децата во сообраќајот најмногу страдаат како патници. Водејќи се од тоа, РСБСП со потсетување до родителите, односно возачите за потребата и обврската за користење на детско седиште и сигурносен појас при превоз на деца во автомобил.

Секој родител, односно секој одговорен возач треба да преземе се што е во негова моќ да ги заштити децата од повреди и загуби во сообраќајот. Една од најважните обврски на родителите, т.е на возачите е токму обврска за користење на детски седишта за превоз на деца до 5 години.

Користење на детско седиште во автомобил за превоз на деца на возраст до 5 години е законска, морална, етичка, возачка и пред се родителска обврска. Иако постои тенденција на зголемена употреба на детски седишта во автомобилите, сепак, евидентен е фактот дека бројот на родители/возачи кои не користат детски седишта за превоз на деца до 5 години не е мал. Според истражувања на релевантни меѓународни организации, во случај на сообраќајна незгода, детските седишта ја намалуваат смртноста кај децата за 50 отсто, а кај бебињата и до 70 проценти.

РСБСП исто така посетува дека согласно ЗБСП дете на возраст до 12 години, не сме да се превезува на предното седиште. За деца над 5 години задолжително е користење на сигурносен појас без разлика на тоа што детето седи на задното седиште од автомобилот и без разлика на тоа дали учествувате во сообраќај во населено или надвор од населено место.

Родителите ја избегнуваат употребата на детски  седишта во автомобил и употребата на сигурносни појаси убедени дека детето е безбедно во нивната прегратка. Станува збор за апсолутно погрешна перцепција.  Во случај на сообраќајна незгода со возило кое се движи со брзина од 50 км/ч, во моментот на судир,  предметите и телата во возилото продолжуваат да се движат со иста брзина со кое возилото удрило. Во тој случај, невозможно е со силата на човечката рака детето да се задржи безбедно во прегратката. Силата со која дејствува детето во таква ситуација е еднаква на сила на дејствување  на тело или предмет чија маса е  до 30 и повеќе пати поголема од масата на детето. Затоа, важно е да се потенцира дека,  дете  кога се превезува во автомобил,  единствено безбедно е да биде ставено во соодветно детско седиште или да биде врзано со сигурносен појас, зависно од возраста на детето.

 РСБСП со апел: Родители, без разлика на тоа дали вашето дете се противи или не, без било какви оправдување или изговори, преземете ги сите можни работи кои на било кој начин придонесуваат за поголема заштита на децата додека патуваат. Гушнете ги децата дома, ставете им појас кога патуваат! Се работи за нивниот живот и нивното здравје!

#СТАВИПОЈАС!     #КОРИСТИДЕТСКОСЕДИШТЕ!