Ниските температури, снегот и мразот можат да создадат опасни услови на патиштата кои бараат повнимателно возење заради осигурување безбедност на сите учесници во сообраќајот. Ваквите неповолни временски услови влијаат врз многу аспекти на возењето, како на пример на времето на сопирање, состојбата на гумите, прегледноста на возењето во автомобил со замрзнати или замаглени стакла (зголемување на „мртвите агли“), возачките способности и сл. Затоа од особена важност е подготовката и на возилото и на возачите за возење во зимски услови.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги упатува следните совети за безбедно возење во зимски услови:
• Користете задолжителна зимска опрема.
• Грижете се за техничката исправност на возилото.
• Безбедносниот појас секогаш нека ви биде заврзан.
• Излезете од дома десетина минути порано за да имате време да го загреете автомобилот, да ги одмрзнете стаклата или да ги исчистите гумите од снег и мраз. доколку сте во можност, имајте резервно гориво во случај да има застој во сообраќајот.
• Возете на поголемо растојание од другите возила и одбегнувајте остри и ненадејни движења.
• Почитувајте ја брзината на возење, посебно во близина на пешачки премин, училишта и градинки. Немојте да забрзувате и нагло да кочите бидејќи ваквите постапки ќе доведат до лизгање Кочете порано и имајте на ум дека мора да ја попуштите кочницата за да управувате и вртите. Во зимски услови на возење, сопирачкиот пат е за 50% подолг отколку во нормални услови.
• Бидете трпеливи и претекнувајте возила исклучиво кога тоа е безбедно.
• Во текот на возењето се препорачува лесна контрола врз гасот. Во зимските услови подобро е порано да се смени степенот на пренос, односно порано менување во поголема брзина.
• На замрзнати површини се препорачува возење во втора брзина.
• Добро е во автомобилот да имате мала лопата, малку песок, крпа за бришење, метличка за чистење на снегот од стаклата, антифриз, спреј против замрзнување на стаклата и спреј за брави.
• Бидете информирани за состојбата на патиштата.
РСБСП советува: Во зима секогаш имајте полн резервоар, без разлика дали сте заглавени во градскиот метеж или имате незгода на пат. Доволното количество гориво во резервоарот ќе ви ја осигура топлината која ќе ви биде потребна за безбедно да стигнете до посакуваната дестинација.