Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков денеска информира дека Бугарија ќе протера 70 руски дипломати. Министерството за надворешни работи соопшти дека вербалната нота со имињата на 70-те дипломати веќе и е предадена на амбасадорката на Русија, Елеонора Митрофанова, пренесува РСЕ.
„Сакам да им порачам на сите странски земји, не само на руската, дека сите оние кои работат против интересите на Бугарија ќе бидат отповикани да се вратат во земјата од која дојдоа“, рече Петков.
Тој одби да даде повеќе детали за активностите на дипломатите, бидејќи, како што рече, информациите се доверливи.
„Ова во никој случај не е агресија против рускиот народ, немаме ништо против него. Само кога странските влади се обидуваат да работат и да се мешаат во внатрешните работи на Бугарија, имаме јасни институции кои ќе се спротивстават на овој вид на акции“, додаде Петков.