Како да настапи опозицискиот фронт за да се порази власта сè уште е отворено прашање. Засега сè е во игра, а партиите, опозициските активисти и противниците на власта размислуваат и договараат како да се настапи на изборите закажани за во декември.
Левица предлага настап на избори со заеднички непартиски листи кои би ги поддржале сите антирежимски партии.
„Македонија сè уште не е демократизирана. Режимот може повторно да се обиде да презема активности кои ќе го нарушат изборниот резултат. Затоа ни е потребна најефективната стратегија за поразување на режимот, па макар била таа и неортодоксна и невообичаена за старите политички партии“, велат од Левица.
Најголемата опозициска партија, пак, на Конгресот на 2 октомври ќе реши како ќе настапи на изборите, дали како партиска коалиција или како широк фронт.
Дел од помалите партии веќе коалицираат, дел размислуваат што ќе прават, некои остануваа на ставот да настапат сами. Неодамна во Коалиција за промени и правда се вклучија Демократскиот сојуз, Фродем, Демос и МОРО-Работничка партија.
Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека власта создаде многу непријатели, па затоа тој се надева дека широк опозициски фронт ќе се формира и покрај тоа што станува збор за широк спектар на партии и опозициски настроени субјекти.
„Тие имаат различни програми, едните се леви, едните се десни, меѓутоа реално тие имаат заеднички соперник- тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Јас сметам дека овие партии можат и ќе се спојат, ќе направат еден фронт и не мора некоја јака платформа и некоја јака програма да ги обединува, туку ќе ги обедини тоа зло наречено власт“, вели Демири.
Политичарот Тито Петковски вели дека во Македонија е многу тешко да се дојде до разумна варијанта која ќе биде во интерес на граѓаните.
„До таа мера е продлабочен јазот меѓу политичките партии, до омраза, нетрпеливост, нихилизам, отсуство на елементарна, не само политичка култура, што мислам дека во една таква политичка ситуација тешко може да се обединат политичките партии од разни политички провиненции, и они кои што се леви и оние кои што се десни, центристички, така што страстите надвладуваат над разумот и едноставно не е можно да се дојде до решение кое ќе биде најблиску до интересните на граѓаните“, вели Петковски.
Тој вели дека императив е сè што мисли поинаку од власта да се стави на една страна, да има отворени листи со квалитетни луѓе, една изборна единици, прагот на излезност да биде низок 2 или 3 отсто, за да се победи оваа власт на избори и земјата а тргне напред, но како што вели, засега е далеку од тоа.
Дел од партиите се разочарани од власти, но не би го поддржале СДСМ, па прашањето е дали треба да се формира сојуз на опозициски блокови, наместо фронт што би го предводел СДСМ. Демири вели дека сепак тој фронт доколку се формира треба да го предводи СДСМ, оти, како што вели, помалите партии не се доволно моќни и мора некаде да се приклучат. Тој очекува на крај и помалите албански партии, кои сега не се дел од парламентот, да се обединат и да настапат заедно.
Текстот во целост прочитајте го тука