Руските трупи утринава ги ракетираа и ги погодија аеродромите во западните градови Луцк и Ивано-Франковск во нова серија на напади.
Тие, исто така, го бомбардираа централно-западното упориште Днепар за прв пат од почетокот на инвазијата, која почна пред нешто повеќе од две недели.
Би-Би-Си пренесе и дека сателитските снимки направени од американска фирма од големиот руски воен конвој во близина на главниот град на Украина, Киев, покажуваат дека тој „во голема мера се распрснал и прераспоредил“.
Конвојот последен пат беше виден во близина на аеродромот Антонов, северозападно од Киев, а неговото движење може да сигнализира повторно придвижување кон градот.
Фирмата што ги направи фотографиите, Maxar Technologies, соопшти дека делови од конвојот се на позиции во околните градови.
Другите делови се посеверно, а артилерија сега е на позиции за гаѓање.
Бегалците од бомбардираните градови досега бегаа кон западот на Украина, верувајќи дека е побезбедно. Десетици илјади поминаа низ Лвов – голем цивилен центар. Нападите сега се одвивааш врз градовите од двете страни на Лвов.
Повеќе од 2 милиони бегалци од Украина успеаа да се спасат низ Европа и пошироко, некои носат вредни докази за сведочења за да подигнат случај за потенцијални воени злосторства, објави Аспшиејтед прес.
Сè повеќе луѓето што се појавуваат на граничните премини се преживеани кои побегнале од некои од градовите најтешко погодени од руските сили.
„Беше многу морничаво“, рече Ихор Диеков, еден од многуте луѓе кои ја преминаа реката Ирпин близу Киев на лизгавите дрвени штици на импровизираниот мост откако Украинците го разнесоа бетонскиот распон за да го забават рускиот напредок.
Тој слушнал истрели додека преминувал и видел човечки трупови покрај патот.
„Русите ветија дека ќе обезбедат (хуманитарен) коридор што не го почитуваа. Тие пукаа во цивили. Тоа е апсолутно точно. Бев сведок на тоа. Луѓето беа исплашени“, рече Диеков.
Ситуацијата во украинскиот град Мариупол, на брегот на Црното Море, е сè полоша и полоша. Овој пристанишен град е опколен со денови. Руските напади не стивнуваат, жителите живеат без вода, струја и интернет. Бројни обиди за евакуација на цивили и испорака на храна во Мариупол не успеаја.
Саша Волков од Меѓународниот комитет на Црвениот крст во аудио снимка ја опиша тешката хуманитарна ситуација во Мариупол.
Тој вели дека луѓето „почнале да се тепаат за храна“ и да се разболуваат од студот и влажноста во засолништата.
„Немаат каде да одат. Особено луѓето кои пронашле засолниште во помалите места. Некои сè уште имаат храна, но не знам колку време ќе им потрае“, рече тој.
Волков објасни дека во засолништата остануваат само жени и деца.
„Се кршат автомобили поради гориво, пред неколку дена беа ограбени сите продавници и аптеки. Се трудиме да се придржуваме до основните хигиенски стандарди, но тоа не е секогаш можно. На многу луѓе им требаат лекови, особено за дијабетес и за болни од рак, но речиси и да ги нема во градот“, вели Волков и додава дека во Мариупол се појавил еден вид црн пазар каде се нуди зеленчук, но месо нема.
Украина се надева дека денеска ќе биде успешно отворен „хуманитарен коридор“ за цивилите да го напуштат опколениот јужен пристаништен град Мариупол, изјави вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук.
Напорите да се обезбеди безбеден премин за блокираните жители на Мариупол да си заминат во текот на оваа недела беа неуспешни./мета.мк