Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров никогаш не дал изјава во која наводно заговара поделба на Македонија, стои во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Русија на текст на македонската редакција на „Дојче веле“ со наслов „Предлогот на Рорабакер- верзија на стар руски предлог?“
– Забележавме дека во написот на македонското издание на „Дојче веле“, идејата за поделба на Македонија на невиден начин се обидува да му се припише на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Лавров никогаш не дал таква изјава. Напротив тој остро ги осудува ваквите шпекулации – стои во соопштението на руското МНР.
Оттаму велат дека „очигледно е дека оваа фикција е чиста провокација, чија цел е да ја расипе сликата за Русија на Балканот и уште повеќе да ја „подгрее“ ситуацијата во Македонија“.
– Бесрамните мешања на поранешната администрација на САД и на Европската Унија во внатрешните работи на Македонија, употребата на деструктивни методи како што е „обоена револуција“ во обидот да се наметне план за формирање на влада, спротивно на ставот што граѓаните на земјата го искажаа на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година, не беа отфрлени од споменатиот издавач. Убедени сме дека таквите акти на крајот ќе доведат до поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија – се вели во реакцијата на руското Министерство за надворешни работи.
Инаку, во текстот на кој реагира руското МНР, објавен на 9 февруари, „Дојче веле“ го цитира виенски „Стандард“, кој вели дека: „Сличен предлог за поделба на Македонија, која во времето на бегалската криза и за Австрија играше решавачка улога, во игра внесе рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, уште во 2015 година. И тогаш Бугарија, Албанија и Косово го отфрлија предлогот, исто како и македонската влада.“
Конгресменот Рорабакер, кој воедно е и претседател на Подкомитетот за европски работи на американскиот претставнички дом, минатата недела во интервју за албанската телевизија „Визион плус“, изјави дека „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.
Американскиот интернет-магазин „Политико“ во текст објавен во ноември минатата година, го нарекува Рорабакер „омилениот конгресмен на Путин“.