Стотици илјади луѓе вчера излегоа на повеќе од 600 протести насекаде во светот, демонстрирајќи против изборот на Доналд Трамп за претседател на САД и против политиките што ги застапува.
Организаторите на протестите истакнаа дека не протестираат само како движење насочено против Трамп, туку и против говорот на омраза, реториката исполнета со омраза, омразата кон жените, ксенофобијата, хомофобијата и верската нетолеранција.
Главниот протест се одржуваше во Вашингтон, каде илјадници луѓе му се приклучија на „Женскиот марш“, на кој меѓу другите се обратија и активистиката за човекови права Анџела Дејвис, пејачката Кејти Пери, филмскиот режисер и продуцент Мајкл Мур и актерките Ешли Џад и Скарлет Јохансон.
На „Женскиот марш“ му се приклучија и илјадници луѓе во Австралија и во Нов Зеланд, а протести беа одржани и во Лондон, Париз, Берлин, Амстердам и во други европски градови.