САД остро ги осудија последните тензии меѓу Косово и Србија, истакнувајќи дека тоа може „непотребно да ги зголеми тензиите и да претставува закана за регионалната стабилност”.
Реакцијата на САД уследи по случувањата околу апењето на директорот на српската владина канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, кој накратко беше задржан во притвор, а потоа протеран од Косово во Србија.
Стејт департментот денеска ги повика сите страни да избегнат понатамошна ескалација и да дозволат споровите да се решат по мирен пат.
По апсењето на шефот на српската канцеларија Марко Ѓуриќ, во договор со српскиот претседател Александар Вучиќ, Српската листа ја напушти владата, и најави дека 10-те општини со мнозинско српско население во Косово на 20 април ќе ја формираат Заедницата на српски општини.
Претставници на косовските Срби денеска одржаа средба во северниот дел на Митровица, на која учествувале 120 делегати и претставници на 10- те општини со мнозинско српско население.
На денешната заедничка седница во Косовска Митровица едногласно беа усвоени три заклучоци.
Првиот заклучок е дека ќе ја формираат Заедницата на српски општини(ЗСО), доколку во рок од три недели Приштина не го започне овој процес. Тие изјавија дека се подготвени да работат заедно со Белград и Приштина, во согласност со Бриселски договор.
Вториот заклучок е барање да се казнат сторителите и извршителите на теророт над граѓаните, претставници на Србите и медиумите од 26 март, а министерот и директорот на полицијата да поднесат оставка.
Третиот заклучок – ги повикуваат КФОР и ЕУЛЕКС да ја интензивираат будноста и превентивно да дејствуваат со цел да се избегнат напади врз српскиот народ.
Во прватa реакција на најавата на Српска листа дека ќе ја формираат Заедницата на српски општини, од косовската Влада соопштија дека тој орган нема да има легитимитет.
– Заедницата е обврска која Косово ја презеде во процесот на бриселскиот дијалог и која ќе биде реализирана во блиска иднина. Ниту една иницијатива која не е заснована на закони и демократски процедури на Република Косово, нема да се применува ниту да се почитува, објавија косовски медиуми пренесувајќи став на Владата.
Загриженост за случувањата на Косово изрази ЕУ.
Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, вчера допатува во Белград на состанокот со српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Тоа што се случи вчера, да не се повтори. Европската унија очекува да се зачува мирот со мудар и воздржан пристап, изјави високата претставничка на ЕУ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, по состанокот со Могерини, изјави дека на високата претставничка на ЕУ и рекол оти тој повеќе нема да дозволи да се случуваат акции какви што своевремено против Србите преземаше хрватската војска.
– Благодарејќи на острата, паметна и одговорна политика, јасно ставивме на знаење дека ниту со Србија, ниту со Србите не може да се игра, изјави српскиот претседател Вучиќ по состанокот со шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
Могерини и Вучиќ се согласиле да изнајдат нови начини за да продолжат со работа и решавање на проблемите меѓу Белград и Приштина по мирен пат, се додава во соопштението.
Директорот на српската канцеларијата за КиМ, Марко Ѓуриќ, беше уапсен во Косовска Митровица во понеделникот, бидејќи, според Приштина, тој илегално влегол во Косово.
За време на интервенцијата на специјалните сили на косовската полиција, 32 лица беа повредени.