САД забранија увоз на руска нафта, гас и јаглен

Сподели

 

Американскиот претседател, Џо Бајден вчера објави дека САД забрануваат увоз на руска нафта, природен гас и јаглен, што пак денеска беше поздравено од украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавува Би-би-си.

Сепак, европските лидери се повнимателни кон украинското барање да се сопре со увозот на руските енергенси, откако Русија изврши воена инвазија на Украина.

Британскиот премиер Борис Џонсон повика на постепено оддалечување од зависноста од руската нафта и гас на неговата земја, како резултат на војната во Украина. Џонсон имаше средба со канадскиот премиер Џастин Трудо, на која што било дискутирано и за новиот пакет на санкции кон Русија.

Премиерот Џонсон обелодени дека во наредните денови ќе изнесе нова стратегија за снабдување со енергија, додавајќи дека Обединетото Кралство ќе биде насочено кон поголемо користење на своите фосилни горива. Како што пишува Би-би-си, Обединетото Кралство добива помалку од 5 отсто од своите потреби за гас од Русија.

Сепак, земјите-членки на ЕУ речиси 40 отсто од своите потреби за природен гас ги задоволуваат од Русија и украинските барања за прекин на користењето на руската нафта и гас се дочекани со скепса.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не треба да се забранува руската нафта и гас, додека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека забраната за увоз на руска нафта и гас би ја втурнала Германија во хаос што би било победа, а не пораз на Кремљ.

Холандскиот премиер Марк Руте предупреди дека форсирањето на бојкот на руската нафта и гас ќе има огромни последици. Тој додаде дека промената не треба да дојде преку ноќ, туку треба да биде во комбинација со побрзо насочување кон обновливата енергија.

И бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека неговата земја ќе побара да бидат исклучок доколку ЕУ донесе одлука за забрана за увоз на руска нафта и гас. Бугарија е речиси целосно зависна од испораките на руски природен гас, додека единствената рафинерија во земјата во сопственост на руски „Лукоил“ снабдува над 60 отсто од потребите за горива./мета.мк