Самит на Иницијатива „16+1“ во Будимпешта

Сподели

Шефовите на владите на Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) денеска ќе учествуваат на шестиот Самит на Иницијативата „16+1“, што се одржува во Будимпешта.

Самитот ќе почне со отворање на Економски, трговски и финансиски форум, на кој ќе се обратат премиерите на Унгарија и Кина, Виктор Орбан и Ли Кечијанг, како и шефовите на дипломатиите на двете земји, Петер Сијарто и Ван Ји.

По Форумот, ќе биде одржана пленарна седница на која обраќања ќе имаат шефовите на делегациите, по што ќе се потпише планираниот договор за соработка со кинеските партнери.

Кинескиот премиер Кечијанг, во пресрет на Самитот на Иницијативата „16+1“ во Будимпешта, истакна дека дава голема важност на кинеската соработка со земјите од Централна и Источна Европа.

– Посетата на премиерот Ли на Унгарија е важна посета на Европа од страна на кинески лидер по 19.Национален конгрес на Комунистичката партија на Кина, истакна во Будимпешта кинескиот заменик министер за надворешни работи Ванг Чао.

Според него, Самитот „16+1“ се совпаѓа со петтата годишнина од воспоставувањето на кинеската соработка со земјите на ЦИЕ и ќе биде од особено значење за проширување на соработката и напредување на стратешкото партнерство.

Лидерите на Иницијативата ќе разговараат пред се за прашања поврзани со трговија, инвестиции, финансии, зелена економија и иновации.

Билатералната размена на Кина и земјите од ЦИЕ минатата година изнесуваше 58,7 милијарди долари.