Истрагата за автобуската несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 45 лица е при крај, пренесува МИА. Се очекуваат само резултатите од вештачењата – судско-медицинска, техничка и пожарно-техничка. Тие би можело да бидат готови пред Божиќ, изјави денеска за БНТ шефот на бугарската Националната истражна служба Борислав Сарафов.
Според Сарафов, податоците во моментот покажуваат дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнел дожд и патот бил влажен.
– Брзината на автобусот била прилично несоодветна со условите на патот. Мислам дека возел над 90 км/ч. Барањата на еден професионален возач на автобус се повисоки отколку за кој било друг возач, рече Сарафов.
Кажа и дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките. Појасни дека можеби придонеле, но возачот морал да биде повнимателен и да вози со соодветна брзина. Сепак, Сарафов посочи дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите“.
Досега истрагата покажува дека автобусот од се уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.
Увидот на бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи на местото на инцидентот покажа дека тротоарот е во одлична состојба, но ознаката е дотраена, а не е извршена и пролетната наредба за негово реновирање.
Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.