Савески за МЕТА: Левица ќе оди на избори сама оти сите од опозицијата нè игнорираа

Сподели

zdravko-saveski-860x680

Партијата Левица на централен комитет донела одлука самостојно да настапи на предвремените парламентарни избори на 11 декември откако нивната иницијатива за обединет настап на сите антирежимски партии била целосно игнорирана од опозицијата, потврди за ,„Мета“, Здравко Савески, член на президиумот на Левица.

– На централниот комитет, кој се одржа во неделата, на 16 октомври, по гласањето на локалните разграноци, донесовме одлука самостојно да настапуваме на изборите. Оваа одлука ја донесовме по игнорирањето на нашата иницијатива од опозициските партии за обединет настап на изборите на сите антирежимски партии, преку непартиски граѓански листи на кои ќе бидат кандидирани истакнати борци против режимот кои не се членови на партии – вели Савески.

Тој вели дека е особено загрижувачко тоа што речиси ни една опозициска политичка партија воопшто не дала одговор на нивната понудена иницијатива, а за одговор ги удостоиле само од Либерална партија и од ПЕИ, за кои иницијативата не била прифатлива.

– На изборите очекуваме конечно, по подолго време, граѓаните да имаат шанса да го тргнат режимот од власт и оваа шанса мора да се искористи. Сакаме да им дадеме опција на граѓаните кои се незадоволни од досегашните понудени политички опции, кои водат политика на штета на граѓаните, а во корист на елитите. Левица ќе им понуди опција за гласање која ќе работи во корист на граѓаните – додава Савески.

meta.mk