СДСМ ги објави листите: Богоевски, Tуфегџиќ и Мухиќ во трка за пратеници

Сподели

sdsm

СДСМ ги објави конечните листи за кандидати за пратеници според кои за носител на првата изборна единица е предложен Стево Пендаровски, поранешен претседателски кандидат на СДСМ. По него следуваат Рената Дескоска, партискиот потпретседател Дамјан Манчевски и Стефан Богоев, претседател на социјалдемократската младина. На оваа листа има и двајца претставници од Коaлицијата со граѓаните, па на петтото место е предложен граѓанскиот активист Павле Богоевски, а на деветтото Ивана Туфегџиќ.

За носител на листата во втората изборна единици е предложен генералниот секретар на партијата, Оливер Спасовски, а зад него е партиската потпретседателка Фросина Ременски и на третата позиција Мухамед Зекири. Четвртото место е резервирано за коалициски партнер, а на петтото место е предложен професорот Ферид Мухиќ од Коалиција со граѓаните.

Во третата изборна единица за носител на кандидатската листа е предложен дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Љупчо Николовски, а зад него се партиските колеги Благој Бочварски и Јагода Шахпаска.

Претседателот на партијата, Зоран Заев, е предложен за носител на листата во четвртата изборна единица. На втората позиција на листата за таа изборна единица е Хари Локвенец, а на третата Катерина Кузмановска.

Во петтата изборна единица листата ја предводи заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска, а веднаш зад неа е партискиот потпретседател Александар Кирацовски. На шестата позиција на оваа листа е предложена Ирена Стефковска од Коалиција со граѓаните.

Во шестата единица за носител на листата е предложен портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, а на втората позиција Ѓулмсер Касапи од Коалиција со граѓаните.

За сите овие предлози треба да расправа централниот одбор на партијата, по што конечната одлука треба да биде потврдена на 21. конгрес на СДСМ, кој почнува во 14 часот во хотелот „Александар палас“ во Скопје.

meta.mk