СДСМ има предлог заклучоци за заштита на јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ

Сподели

 

Прва средба на работните групи на Парламентарните партии господине Митрески имаше различни толкувања од страна на претставниците од ВМРО-ДПМНЕ и од кај вас во однос на резултатите и во каква форма ќе се испорачаат овие работни групи, односно дали тоа ќе бидат забелешки или заклучоци за промена на предлогот како што тврди ВМРО-ДПМНЕ или како што вие тврдите дека нема да се однесуваат на Францускиот предлог туку тоа ќе бидат заклучоци за кај нас во Собрание?

-Денес зборуваме за заклучоци коишто би се донеле евентуално после информацијата што ќе ја достави Владата до Собранието по која ние ќе разговараме. Не станува збор за промена на европскиот предлог, туку зборуваме за заклучоци кои ние како Собрание ќе ги донесеме за да ја задолжиме и обврземе Владата како да се однесува во следниот период. Јас денес очекувам одговорност од сите партии и пратенички групи бидејќи станува збор за сериозен процес во државата, бидејќи се работи за иднината на државата и нивните граѓани. Во таа насока ние ќе дадеме наши предлог заклучоци коишто ќе се однесуваат на нашите стратешки определби за членството во ЕУ со исклучување на билатералните -историски и образовни прашања. Ќе дадеме предлози и заклучоци коишто ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на македонскиот народ. Се ова ќе биде денеска на масата пред нас и очекувам дека сите конструктивно ќе делуваме, затоа што станува за сериозен период.

Што станува со оние барања за бришења во предлогот и дали со ВМРО-ДПМНЕ имате веќе заеднички став околу овие прашања?

-Ние до сите пратенички групи што денеска учествуваат, доставивме наши предлог заклучоци да ги разгледаат и ќе разговараме а потоа врз основ на тие наши предлози ќе ги разгледаме за тоа кои од нив може да бидат ставени како заклучоци на Седницата што ќе се одржи во Собранието.

Какво ќе биде дејството на тие заклучоци, доколку нема да делуваат на Предлогот, туку само ќе бидат за внатре во Собранието?

-Прво, цело време зборуваме дека билатералните прашања се исклучени од преговарачката рамка, меѓутоа во јавноста се отвора таа дилема. Затоа како Собрание уште еднаш ќе потврдиме дека билатералните прашања ќе бидат исклучени од рамката и ќе ја задолжиме Владата, затоа што овие заклучоци се обврзувачки за Владата, да се исклучат билатералните прашања од аспект на истојата и образованието.

Дали во тој контекст ќе го разгледувате и билатералниот протокол како документ?

-Денес ќе ги разгледуваме сите документи коишто ќе ги имаме на маса и ќе разгледуваме се што имаме како документ и очекувам дека ќе има плодна дебата за се што имаме на маса. Дозволете во интерес на тој процес, во интерес на тоа да овој процес биде успешен да не отворам повеќе детали бидејќи на крајот најдобро е да донесеме конечни одлуки.

Во однос на Собраниската процедура, во која форма ќе бидат овие заклучоци?

-Кога се зборува за информација како точка на дневен ред таа може да биде пратена како точка по предлог на пратеници и она се што може да биде ставено, во овој случај станува збор дека Владата ќе прати ифнормација до Собранието којашто ќе ја разгледаме и врз основ на таа информација на крајот се гласаат заклучоци, изјави Јован Митрески, координатор на ПГ на СДСМ.