СДСМ: Иванов е должен веднаш да го даде мандатот на Заев

Сподели

Ѓорге Иванов да престане да го крши Уставот и да остава простор за лаги и за насилство, се вели соопштението на СДСМ, од каде повикуваат дека претседателот на државата е должен веднаш да го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за формирање на новата влада.

„Мнозинството граѓани во Македонија гласаа за квалитетен живот, за нови работни места, за парите да се вратат кон луѓето, за квалитетно образование и за квалитетно здравство, за правда за сите. Ова се очекувањата на граѓаните и ова се приоритетите на новата реформска влада, што е неопходно што поскоро да се формира, за земјата да продолжи да се развива според стратешките интереси кон ЕУ и кон НАТО“, стои во соопштението.

Од партијата нагласуваат дека граѓаните го избраа концептот на заедништво наспроти концептот на поделби на „досегашната неодговорна власт на Никола Груевски“.

„Затоа, Македонија, како што се обврзавме и во „Планот за живот“, ќе биде едно општество, на еднакви граѓани, во кое ниту една заедница нема да биде ниту маргинализирана, ниту привилегирана“, велат од СДСМ и заклучуваат дека „единствен можен следен чекор е одблокирање на демократските процеси и мирен трансфен на власта“.