За СДСМ Извештајот на ЕК потврди дека ДПМНЕ се пречка за напредок, за ВМРО-ДПМНЕ Македонија е заглавена во криминал

Сподели

 

Извештајот на Европската комисија потврди: ДПМНЕ и Мицкоски се кочничари на европскиот пат и на реформите на земјата, изјави денеска на Прес-конференција, Миле Талевски, пратеник на СДСМ.

Поразително за пратениците од ДПМНЕ во Извештајот стои, цитирам:

„Главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ активно ја блокираше парламентарната работа, што беше значајна пречка за напредок“ (страна 10 од Извештајот).

Ние, пратениците од СДСМ и коалицијата на ова укажувавме и баравме ДПМНЕ и Левица да не го кочат напредокот на земјата, да не ги кочат реформите, да не го кочат европскиот пат. Сега тоа го бара и самата Европска Унија.

Но, и покрај опструкциите на опозицијата, нашата татковина продолжува да ги исполнува условите за продолжување на преговорите за членство. Земјата ги продолжува напорите за ЕУ реформите и секојдневно работи на исполнувањето на европските стандарди, што е нотирано и во овој Извештај.

Имаме прогрес во 81% од поглавјата, нема назадување во ниту едно поглавје. Во однос на подготвеност на поглавјата, во 90% сме со соодветно ниво на подготвеност. Нема повеќе делови во Извештајот како во времето на ДПМНЕ од 2015 или 2016 година, нема мешање во судската власт, нема уназадување. Вчера беше објавен пакет за проширување на ЕУ и План за раст на економиите на Западен Балкан. Само со овој план на располагање имаме 1 милијарда евра за Македонија. Значи дека ако продолжиме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе го имаме за пет месеци од сега.

Затоа блокадите и опструкциите на ДПМНЕ и Мицкоски мора да бидат поразени.

Но не само заради ЕУ, блокадите и опструкциите на ДПМНЕ и Мицкоски во македонското Собрание треба да бидат поразени заради сите наши граѓани и заради иднината на земјата, изјави Талевски, пратеник на СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Извештајот на ЕК за Македонија констатира неуспеси и неспособност на власта на секое поле. Имено јасно е наведено дека во извештајниот период не е постигнат напредок, т.е. не успеале да се адресираат и имплементираат исклучителните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија. И тоа во година во која МНР Османи се промовира како претседавач на ОБСЕ. 

ЕК констатира дека власта прекумерно употребува брзи процедури за носење закони, вклучително и користењето на така нареченото европско знаменце, со што не се дава можност законски решенија да поминат низ квалитетна дебата. 

Нема никаков напредок на полето на јавната администрација, чија реформа како што пишува во Извештајот е почната пред 5 години, но се уште нема напредок.

Нема напредок во зајакнувањето на судската независност и подобрување на правната рамка за заштита на основните права. Контроверзното разрешување на претседател на Судски совет предизвика загриженост за несоодветно политичко влијание. 

Немањето на реформи резултира со немање напредок во борба против корупцијата. А јасно се нотирани и Измените во КЗ кои ја поречуваат работата на органите во иднина да гонат и санкционираат кривични дела кои се опфатени со измените.

Извештајот јасно покажува дека со СДС и ДУИ Македонија е заглавена во мочуриште од криминал и корупција.