Се одржа Денот без автомобили “УЛИЦИ ЗА ЛУЃЕ”

Сподели

 

Голем број граѓани денеска ги оставија автомобилите и учествуваа на Денот без автомобили, што под мотото „Улици за луѓе“ се одржа на улицата Васко Карангелески во Аеродром. Оваа улица денеска e затворена за автомобилски сообраќај вкупно 12 часа, во периодот од 8 до 20 часот на потегот од булеварот Јане Сандански до крстосницата со улицата Владимир Комаров и на неа се одржаа различни културни активности за возрасните, но и за најмладите, а беше подигнат и нов дрворед. Во одбележувањето на овој ден се приклучи и градоначалникот Петре Шилегов, кој на настанот пристигна со велосипед.

 

 

– Денешниов ден го искористивме за една хумана мисија која ја зацртавме пред 4 години, а се однесува на одржливата урбана мобилност. Она по што се разликува овој ден без автомобили од претходните е фактот што за прв пат во Скопје овој ден се организира надвор од Европската недела на мобилноста и за прв пат се затвора една градска улица во времетраење од 12 часа, за разлика од претходните затворања кои траеле симболични 2-3 часа. Целта на оваа акција е стимулирање на алтернативниот начин на транспорт, алтернативното движење низ урбаните средини и граѓаните да видат дека можеме да живееме без автомобили. Тое е нешто што ние го работиме во изминативе три и пол години, надминавме над 100 километри добро организирани велосипедски патеки, а такво нешто ќе се случува и токму на оваа улица со нејзината реконструкција, која наскоро ќе биде велосипедска спојка за граѓаните од Лисиче со новиот мост. Воведувањето на брз автобуски превоз (БРТ) е една од низата мерки што градот ги презема за да ги замениме индивидуалните автомобили како начин на транспорт, со цел да го намалиме сообраќајниот метеж, да ја заштитме животната средина и да ги навикнеме луѓето на здрав начин на живот и да можат од овде од Аеродром побрзо да стасаат со велосипед по безбедна велосипедска инфраструктура. Сето ова е во рамките на акцискиот план за Зелен град кој интензивно се спроведува веќе втора година по ред и можеме да видиме дека дава резултати и во намалувањето на загаденоста на воздухот – рече Шилегов на денешната акција „Улици за луѓе“.

 

 

Шилегов упати благодарност за оваа иницијатива до неформалната група велосипедисти „НаТочак“ која е долгогодишен партнер на градот во делот на унапредувањето на велосипедските политики.

Деновите без автомобили се едни од главните промотори на одржливиот транспорт, а ова е докажано низ многу примери во Европа и во светот.