Се провлече времето на тоа, кои сме, каде сме и зошто сме – Соња Р. Јовановски

Сподели

 

Кога ќе се сетам на “времињата” кога знаевме и дека постоиме, и зошто постоиме, и кои сме, и колку многу можеме заеднички да создадеме.

Соња Р. Јовановски

Кога ќе размислам, можам само да забележам дека не заминале не само времињата “наши“, туку поминуваат и сите тие пространства на чувства за “припадност” како облаци, како вода, како сеќавања. Не верувам дека е тоа затоа што беа тоа далечни времиња, туку поради фактот што се изгуби или се провлече значајното за тоа, “кои сме”, “каде сме” и “зошто сме”…нешто слично ко да се обидувавме да ја задржиме водата од изворот во дланките, а таа ни се провлече низ прстите ко мигновно трепнување со очите. Додека сите “сонувавме” за денот кога човек на човека ќе му биде брат, ослободен од сите пранги, без “пардон” си влеговме во “мечкин сон” и го преспавме мигот на она што нè (на)прави недостојни, и во име на она што ни го предадоа и ни го оставија во аманет да го чуваме, нашите претци и уште повозвишено да го предадеме на оние за кои сите живееме, нашите поколенија.

Но, ете…(не)свесно дојдовме до времето “сегашно” кога сè се повампирило и кога на луѓето нормално им стана, не само да се капат во крв, туку и станаа жедни за туѓа крв. Сите се правиме глуви и слепи за да признаеме дека луѓето околу нас зборуваат за секаков тип на инвазија и секојпат нови варвари настапуваат на сцена и тоа обично се некако истите, ни се провлекуваат, а ни се прокламираат како да се од спротивставени страни…Тие!!! Тие кои не мрднале со прст никакво дело да направат за својата мајковина, а говорат за татковина, со децении си играат свои игри небаре отмено можат да заминат во својата смрт заради “сите нас”, а “тие” се само лажни патници кои се качиле на барката за да создаваат бродолом…

Гледајќи го хаосот околу мене, со децении се прашувам ” И сега? …Каде сега?.. Како понатаму ќе одиме?Навидум заедно, кога различно гледавме на сè, различно ги градевме и различно ги пренесувавме трајните вредности? Дали сме свесни “сите ние” КОГА ги изгубивме трајните вредности?

Стигнавме до овде кајшто и сме…на раскрсницата на патиштата по кои со децении кој како ќе му дојдеше, фрлаше нагазни мини со цел, кој пат и да го одбереме – да го изгубиме стадото. Одамна е овој хаос, да се потсетиме…, но различни пилоти и капетани го движеа хаосот низ “нашето” време…И сега? Е, сега дојде толку матно време, време на неспокој, време кога ги изгубивме и клучевите од капијата на иднината. Но, тие најмногу што ги “боли” од времињата на беспатијата, а не биле во “избраната барка” и никогаш ништо не искористиле…токму ТИЕ сеуште се трудат и со грбно пливање да дојдат до изворот. “Тие” изгубија и свои блиски, и живот, и огништа, а сите други останати итаат повторно да стигнат до кормилото и да ја завеслаат барката каде ќе ги сокријат украдените богатства што со децении го крадеа од сите нас и да ја истурат исцицаната крв од недолжните за да се замачка со мучуриштата тамошни, за сè да остане исто, како што билo, и за сите нив се измислуваат магионичарски трикови за да си го продолжат животот кобајаги ко “непријатели”…Евтини трикови кои веќе нам ни се толку познати, бидејќи сме “најверната публика” на сите досегашни епизоди… А каде сме сега “ние”, чуварите на вредностите во секоја ваша сценирана фарса?

Стојам нема загледана во бездната на мојата ми мајковина и татковина и се думам дали да останам како скаменета статуа за да потсеќам само на една изгубена генерација….или пак, да тргнам и да поитам напред пред да не претекне новиот ѕвер, бидејќи не демне од сите страни. Залудно е да стоиме ко публика и да се грчиме, или мижеме ко слепи, да ги затнеме ушите и устата и да се правиме ко глувонеми, заборавајќи дека токму слепите и глувонемите гледаат и слушаат најмногу од сите. Најтешката казна на сите ќе ни биде доделена допрва…да се јадеме одвнатре за тоа што сме можеле, а не сме го направиле… Друго можеби неможам да направам, ама можам да ги завршам започнатите работи поврзани со трајните вредности, да му се оддолжам на животот за сите нешта кои ми ги даде (иако многу од нив беа болни и ме демнат деноноќно)…ќе продолжам да правам дела за човеците, за нивните верувања, за нивните традиции…можеби само така ќе ставам една точка на времето и просторот и ќе оставам тоа да се движи. Посакував Алеф да ги отрезни заспаните, да им покаже на среброљупците дека ништо не е во материјалното…да ги освести лицемерните, завидливите..но, и да ги охрабри оние кои за љубовта и вистината се спремни да (за)чекорат и во вжештената жар, па и да изгорат во огнот…и ако имаат среќа да се издигнат од пепелта ко феникси со нови идеи за средување на хаосот на сите нивоа.

Едно сум сигурна дека сфатив, дека во овој хаос и онака, никому за никому не му е грижа веќе. Знам за себе само, дека ќе создавам за никој да не ми го созида гласот, кој иако толку е тих, скоро нем, сепак чека преку своите дела да стане ехо…само ехо…па, нека биде и подземно ехо…