Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на акцијата на органите во РЕК Битола и дали ќе продолжи таквиот начин на пресметка со криминалот, изјави:
„Па не е само РЕК Битола, колку што знам и Осломеј, тука во близина на Кичево е опфатен во оваа акција. Па ќе продолжи, да. Ние рековме, внимателно, нема да правиме естрада од сето тоа. Ќе продолжи гледате, се држиме до тоа што сме го кажале. Кога ќе се обезбедат докази, основано сомневање за сторен криминал, Министерството за внатрешни работи заедно со срамежливото Обвинителство влегуваат во акција.
Таа акција беше спроведена пред неколку дена, за којашто вие зборувате. 23 лица се осомничени и 2 правни субјекта. Во периодот што следи десетици случаи се работат, на македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминативе години. Така што нема да се случува, како што беше во минатото, на полноќ или наутро, да влегуваат специјалните едници наоружани до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и слично да правиме естрада од сето тоа. Нема да биде.
Ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност, така во целиот случај. Така што во периодот што следи, мислам дека од информациите со кои што располагаме, ќе има десетици вакви случаи“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски.