Се враќа споменикот на стреланите скопјани

Сподели

Споменикот посветен на деветтемина стрелани скопјани, случајни жртви на безумниот чин на фашистите кај Kамениот мост на 13 ноември 1944 година, се враќа на некогашната локација. Деновиве екипи го поставуваат постаментот во близина на некогашната локација на споменикот, на кејот до Kамениот мост, а потоа ќе биде поставен и релјефот посветен на жртвите.

Од градскиот одбор на Сојузот на борците потврдија дека споменикот се враќа на локацијата.

Обележјето беше отстрането пред неколку години при изградбата на објектите на плоштадот Филип Втори. Првин споменикот беше изваден од местото каде што бил поставен во педесеттите години од 20 век и беше поместен неколку метри подалеку, а на неговото место беше поставено обележјето „Свети Kирил и Методиј“.

Во 2013 година споменикот го немаше и на новото место, а потомците на стреланите граѓани беа лути и разочарани бидејќи немаше каде да положат цвеќе во чест на загубените животи на нивните родители и дедовци.

skopjeinfo.mk