СЕЌАВАЊА: Го чуваш ли се’ уште тоа писмо драга Ана -Боки Бургија

Сподели

11836924_863170490403793_2305567729768491154_n

Го чуваш ли се’ уште тоа писмо драга Ана…

Ти пишував за големата несреќа што го задеси нашето Скопје. Ти пишував дека исчезна театерот, се сеќаваш? Дека Офицерски и Народната банка ги дорушуваат со динамит, дека плоштадот остана празен. Го немаше ниту хотелот Македонија, ниту летното кино во бавчата Балкан. Старата железничка наполу пресечена. Страшни беа сликите на тоа наше Скопје, драга моја Ана. Ти пишував и за многу други паднати згради, куќи и објекти од катастрофалниот земјотрес. Ти објаснував што значи секоја боја со која ги бележеа оштетените куќи. Вашата беше обележана со жолта линија. Беше падната само онаа страна од позади, кај твојот прозорец, ама можеше да се санира, и за тоа ти пишував највеќе. Иако беше замината далеку, сепак, си велев ако им кажам дека куќата може да се санира, верував дека ќе се вратите…

Знаеш, кога ја гледав вашата куќа бев среќен што немаше никој во неа тоа утро, а кога секој ден поминував покрај неа пред тоа, бев тажен токму заради тоа дека нема никој во неа. Те немаше тебе моја драга Ана. Знаев дека ќе те потресувам ако ти пишував и за загинатите од нашето маало во таа несреќа, па ги избегнував тие работи. Тогаш се’ уште не им се знаеше точниот број, ама се знаеше дека се многу. Не’ затекна на спиење проклетиот, и ете, ем ни го сруши нашето старо Скопје ем ни уби илјадници сограѓани. Цели семејства исчезнаа после тоа утро. Ти пишував и за тоа што ни ветија. Дека ќе ни го направат Скопје уште поубаво, дека ќе стане симбол на светската и југословенската солидарност. И навистина, одеднаш се појавија многу непознати фаци во Скопје. Помагаа да се расчисти урнатото, да се изгради новото Скопје. Нови булевари, нови улици, нови објекти, нови населби, ново корито на Вардар, нови луѓе, нови генерации и едно сосема ново Скопје. Ми беше сеедно драга моја Ана. Знаев дека без тебе моето Скопје нема никогаш да биде исто колку и да е убаво. Ми исчезнаа, ми ги уништија сите нишани кои ме сеќаваа на тебе. Е, за тоа највеќе ми беше мака. Исчезнаа врбите и тињата покрај реката, плажите, зелената боја на Вардар од која наутро потскокнуваа мали рипчиња, која неретко ја голтавме додека се капевме на некоја од градските плажи…

Но, замисли моја драга Ана. Сепак нешто остана. Таму некаде покрај паркот, кај старата градска плажа, кога ќе се симнев покрај реката на моменти со ветерот кој се спушташе заедно со матната вода, доаѓаше и оној волшебен и единствен мирис на стариот Вардар. Често одев таму и го чекав тој момент. Како да сакаше реката да ми каже дека се’ уште се бори да го сочува барем мирисот кој ме потсетуваше на тебе моја драга Ана. Го чекав со часови и доаѓаше…

Утрово, во 5 часот и 17 минути седнав на кејот од онаа страна кај Офицерски, ти текнува? Да, долу покрај реката на клупите од најновиот кеј. Сакав од овде да го видам новиот стар театар, плажите, врбите. Сакав да се сетам на тебе моја драга Ана. Затоа дојдов. Ако земјотресот ни го сруши нашето Скопје, ако солидарноста ни го изгради, сега, можам да ти кажам дека некој конечно му ја зема и последната нитка од душата на нашето Скопје. Го загуши, го задави. Го нема повеќе и последниот нишан кој ме потсетуваше на тебе, мирисот на реката. Нема од каде да се протне ветерот. Ова не е ниту моето, ниту твоето Скопје моја Ана. Ова не е повеќе нашето Скопје. А животот ми беше убав само од сеќавањата на тебе моја драга Ана. Го чуваш ли се’ уште тоа писмо…?

ФБ статус, Боки Бургија