„Шарена револуција“: Утре протест, в четворток блокади на три скопски мостови

Сподели

protesti-Pecko-6-860x680

Граѓанското движење „Шарена револуција“ повика на протест утре, во 18 часот, пред Специјалното јавно обвинителство. На настанот организиран на „Фејсбук“, пишува дека СЈО сè уште е под закана, а не е престанат ни прогонот на демонстрантите.

„Уставен суд сè уште не постапува по нашето барање за заштита на правдата. Прашуваме, планира ли овој суд, оформен во име на граѓаните и платен со пари на граѓаните, да се произнесе за Специјалното јавно обвинителство? Или планира да го укине? Додека одбројуваме за одговор на ова прашање, прогонот врз демонстрантите сè уште трае. Наместо повлекување на пријавите, добиваме информации за нови прекршочни и кривични пријави. СЈО сè уште е под закана! Демонстрантите сè уште се под закана! Затоа, ајде уште еднаш заедно да им ја покажеме нашата бескомпромисност!“, пишува во повикот на „Шарената револуција“.

Освен протестот кој ќе се одржи утре, в четврток планирани се и блокади на мостовите Гоце Делчев, Слобода и Мајка Тереза. Блокадите ќе почнат во 12 часот.

„Нема да дозволиме криминалците да останат неказнети, а демонстрантите да бидат под прогон! Многу сме, моќни сме, секој од нас споделува силна идеја за праведна држава и слободно општество и тоа ќе покажеме преку нашите следни дејства! Конечно, по најновата вест за напуштањето на бродот кој тоне од страна на Ставрески, потсетуваме дека не побаравме оставка на еден министер, туку оставка од цела актуелна влада на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори. Приклучете се, продолжуваме до слобода!“, повикуваат од „Шарената револуција“.

„Шарена револуција“: Утре протест, в четврток блокади на три скопски мостови