Не веруваме во пржинскиот модел на преговори зад затворени врати, без граѓаните да знаат што се случува, изјави студентот Демијан Хаџи-Ангелковски пред Собранието, каде што беа собрани демонстрантите на вечерашниот протест на „Шарената револуција“.
Тој го повтори барањето граѓанскиот сектор да биде вклучен во преговорите бидејќи, како што истакна, во неговите редови има експерти кои можат да придонесат за решавање на кризата.
Хаџи-Ангелковски повтори дека не е можно одлуките во државата да се носат без граѓаните, студентите, пензионерите. Тој потсети на денешниот избор на ректор на УКИМ, за кој рече дека бил избран на криминален начин.
– Тоа што денеска се случи на УКИМ е приказ за она што се случува во државата – изјави Хаџи-Ангелковски.
Неговиот говор беше прекинат од активистот Павле Богоевски, кој ги повика граѓаните од пред Собранието да се упатат кон комбито на „Шарената револуција“, кое во тие моменти беше сопрено од полиција на булеварот Кочо Рацин.
Полицијата по кратко задржување на пратеничката Лидија Димова, која го возеше комбито, си замина откако ја виде групата новинари кои се упатија кон местото.
Откако демонстрантите го испратија комбито, се упатија кон зградата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, каде беа пресретнати од кордон полицајци.
Откако нивното неорганизирано движење беше ставено под контрола од редарите на „Шарената револуција“ и беше спречен поблизок контакт со припадниците на безбедносните сили, граѓаните се вратија назад пред Собранието, од каде мирно се разотидоа.
Претходно демонстрантите со млазови боја ја бојадисаа зградата на Министерството за правда.
За првпат припадник на полицијата на мегафон ги предупредуваше демонстрантите да не го оштетуваат објектот и да се повлечат.
Протестот почна во 19 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство.