Шеќеринска избрана за заменик-генерален секретар на НАТО

Сподели

Поранешната македонска министерка за одбрана, Радмила Шеќеринска, денеска во Брисел беше избрана за заменик-генерален секретар на НАТО и ќе му биде заменичка на Марк Руте.

Информацијата ја потврди и НАТО со објава од генералниот секретар Руте на официјалниот сајт на Алијансата:

„Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик -генерален секретар. Таа е вистински верник во НАТО, ја знае работата што е потребна за да се приклучи на Алијансата и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа додека ја презема оваа витална улога“.

„Ќе ми биде привилегија да служам како заменик-генерален секретар на НАТО под раководство на генералниот секретар на НАТО. Посветена сум на работа со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса“, напиша Шекеринска на Твитер по објавата. 

Меѓу другите кандидати беа поранешната бугарска министерка за надворешни работи Марија Габриел, поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ и Оливера Ињац, која беше министерка за одбрана на Црна Гора 2020-2022 година. Шекеринска ќе биде највисокиот функционер на НАТО од регионот на Западен Балкан, надвор од Европската Унија. Таа во моментот е потпретседател на Партијата на европските социјалисти. Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО -Украина.

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче и го честиташе изборот на Радмила Шекеринска за заменик Генерален секретар на НАТО Алијансата.

-“Честитки, Радмила! Убеден сум дека Радмила Шекеринска е вистинскиот избор за втор човек на НАТО – најмоќниот воено политички сојуз во светот. Со нејзиното долгогодишно искуство, посветеност и професионалност успешно ќе се носи со најголемите предизвици кои и претстојат.

Ова назначување е доказ дека нејзиниот труд и професионалност се ценети на глобално ниво. Преку нејзиниот успех, Северна Македонија уште еднаш ја потврдува својата вредност и капацитет да биде дел од најзначајните меѓународни процеси. Ние сме рамноправна членка на НАТО која има што да понуди за глобалната безбедност и стабилност.

Назначувањето на Шекеринска е уште еден потврда за исправноста на политиките и историскиот успех на СДСМ и Владата, кои со посветена работа успеаја да јавнесат Северна Македонија во НАТО. Со тоа, не само што ја обезбедивме сигурноста на нашата земја, туку го зацврстивме нашиот идентитет како стабилен и доверлив партнер на меѓународната заедница.

На Радмила ѝ посакувам големи успеси во новата улога. Знам дека нејзината работа ќе биде инспирација за многумина, особено за младите кои треба да веруваат дека со многу труд и работа може да се постигне секој успех”, стои во честитката на претседателот Венко Филипче.

“Честитки за Radmila Sekerinska за ова големо признание! Ова именување за следен заменик генерален секретар на НАТО е значајна победа, како за неа лично, така и за Северна Македонија. Ова ја потврдува важноста и растечката улога на земјава во меѓународната безбедносна архитектура” – напиша Оливер Спасовски на својот ФБ профил.