Градоначалникот Шилегов денеска се обрати до Државната комисија за спречување на корупцијата, со барање за испитување на наводните сомнежи за постоење корупција и судир на интереси при реализација на набавката на специјализираното возило – противпожарна скала, која претставува единствена опрема од ваков тип на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Вчера, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ преку својот фејсбук профил ширеше невистинити информации за начинот и висината на цената на набавката на противпожарната скала, профил кој беше посочен од страна на ЕУ како извор на лажни вести.
Со цел спречување на ширењето лажни вести и дезинформирање на јавноста, побаравме од ДКСК, преку своите механизми, да спроведе постапка за утврдување на наводните нерегуларности и на тој начин да ги информираме граѓаните на Скопје за уредноста на постапката при набавката на ваквата противпожарна скала – истакна градоначалникот Шилегов.
За потсетување, ова е прв пат Бригадата за противпожарна заштита во Скопје да набави ваква софистицирана опрема со која можат да интервенираат на објекти кои имаат повеќе од 5 ката, нешто што досега беше невозможно поради немање соодветна опрема. По 27 години, оваа градска администрација инвестира во опремата за хероите на Градот, а и во безбедноста на сите граѓани на Скопје.
Станува збор за набавка спроведена низ високо транспарентна постапка на меѓународен тендер кој траеше 6 месеци и чија вредност изнесување 1,7 милиони евра со ДДВ.
Градоначалникот Шилегов на својот официјален фб профил напиша:
“Ех, Христијане, Христијане …
Да бидам искрен, воопшто не сум изненаден од продолжетокот на твоите манипулации со фб постови. Но, да одиме со ред:
1. Манипулативно, кога зборуваш за цената, за цената на загребската скала кажуваш цена без ддв, а за скопската со ддв. Така ти изгледа поспектакуларно, нели ? Тогаш, скопската не е 1.7 милиони евра, туку 1.4
2. Ова е список на дополнителната опрема која што ја има скопското, но го нема загебското возило (дополнителна опрема во доградбата):
– компјутерска стабилизација на корпа
– РЦ 400 корпа за 4 луѓе плус
– монтажа на корпа носилка за повредени
– фен или чафовлекач кој се монтира на самата корпа
– електромагнетна стабилност
– агрегат за струја (за работа на скалата без погон на возилото)
– негативен нагиб на корпа до 8 метри во минус
– сајла за спуштање на пожарникари
– дополнителна скала за од корпа до кров
– довод на вода за употреба на млазницата за гасење монтирана на сама корпа
– подвижен под на корпа
– компјутерска нивелација на цела надградба лево десно
Списокот е подолг. Ова се основните разлики. Веројатно сега ти е појасно зошто и каде има разлика во цената ?
3. Загреб во изминативе 30 години набави 5 вакви возила. Ова им е шесто. Скопје ниедно. Ова е прво. 27 години владеевте во Скопје. Ниту ЕДНО возило …
Не се љути на тие што те наместиле да се излеташ денес. Со задоволство ќе ти ја доставам целокупната документација. И на скопското и на загребското возило. Сам да ја воочиш разликата. Дури и кафе ќе те почастам (за брља, барај си ги твоите од пратија што денес дадоа такво соопштение (одговор)) и размисли, добро размисли, каде ја водиш својата партија и нашата Македонија (Република Северна Македонија) со ваквото свое “раководење”.
Те бендисувало тоа или не, Скопје е една многу поинаква приказна од вашето време. И граѓаните на Скопје тоа го знаат. Го знаеш и ти. И затоа манипулираш (да не кажам свесно лажеш). И одговорот, токму тие, граѓаните ќе ти го дадат во октомври. Кога ќе изберат континуитет на градот и ќе кажат не на “сакам кажам, не знам речам” и “тргни,застани” политиките кои ги водиш …
И ќе те поразат. Скопјани. И свесен си за тоа.
П.С. Во прилог 3 нови видеа од тоа што се’ има кај нас, ама нема во Загреб
П.П.С. Помина времето кога за споменик од 100.000 евра се плаќаше по 10.000.000 евра. Помина и никогаш нема да се врати.
П.П.П.С. Тоа е господин Мицковски. Европско Скопје, купува посовремена и подобра опрема од европски Загреб. Чудно, нели ?
Епа, Скопје е една поинаква приказна !!!”