Новиот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов денеска ја презеде градоначалничката функција од досегашниот градоначалник Коце Трајановски кој раководеше со главниот град во изминатите осум години.
Заблагодарувајќи им се на граѓаните за укажаната доверба, Шилегов рече дека таа претставува обврска за него да работи одговорно, транспарентно, домаќински и во интерес на сите граѓани.
– По долги години успеавме Скопје да го вратиме на граѓаните. Скопје повторно ќе биде град на хуманоста и град на солидарноста. Македонија конечно доби главен град којшто ќе ги поврзува граѓаните и ќе работи за нив. Новата градска администрација што ќе ја предводам, ќе го продолжи принципот на одговорност, инклузивност и отчетност што го воспостави Владата предводена од СДСМ. Ќе работиме во интерес на сите граѓани без разлика на нивното место на живеење, нивната етничка или партиска припадност, истакна Шилегов, додавајќи дека сите одлуки ќе се носат заедно со граѓаните, граѓанските здруженија и стручната јавност.
Како приоритетно прашање на кое ќе работи Шилегов го посочи намалувањето на загадувањето за што најави интензивно зазеленување на градот, гасификација и изградба на секундарен сообраќаен северен прстен којшто ќе овозможи развој на современите видови јавен превоз.
Дел од мерките ќе бидат и слободен јавен превоз, мониторинг на извршувањето на градежните активности во најзагадените денови, рестрикции на сообраќајот во централното градско подрачје, а веројатно е дека во консултација со граѓанските организации ќе се стави мораториум на употребата на јагленот како еден од најголемите произведувачи на ПМ честички.
– За мене императив е зазеленувањето бидејќи им ветив на граѓаните на Скопје дека во 2021 година ќе поднесеме кандидатура за зелена престолнина, истакна Шилегов, најавувајќи реализација на ветените проекти во изборната програма.
Во однос на проектите кои се започнати од страна на претходниот градоначалник, Шилегов рече дека работата на Панорамското тркало е стопирана и за него ќе се види како ќе се движат понатаму работите, додека за останатите проекти, како што посочи, ќе се направи соодветна проценка за нивно стопирање или продолжување со цел да не му се наштети ниту на Градот, ниту на граѓаните.
Досегашниот градоначалник Трајановски посочи дека во изминатите осум години се реализирани низа проекти, консолидирани и финансиски стабилни се јавните претприатија, а во касата на Градот остануваат 834 милиони денари. Му посака на новиот градоначалник успешна реализација на сите проекти од изборната програма и искористување на постоечките капацитети на државните службеници кои работат во Град Скопје.
Пред средбата со Трајановски, на новиот градоначалник Шилегов му беше врачено уверението за градоначалник.