Шилегов: Панорамското тркало е стопирано, среќа што не е цело платено

Сподели

Изградбата на Панорамакото тркало е стопирана, жива среќа што не е платено цело, па ќе можеме да заштедите од парите на граѓаните, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Договорот за изградба, како што кажа тој, е ставен во мирување, а она што досега е изградено е платено.

– Последните денови покажаа дека мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ станува реална опасност. Во јавноста се презентираше неговата наводна корист за туризмот, а изминатите неколку денови потврдија дека тој е вистинска опасност за безбедноста на градот и граѓаните – рече Шилегов додавајќи дека насобраниот отпад во коритото на Вардар и околу галиите и тркалото почнал да се расчистува денеска.

Меѓутоа, сè уште нема конкретни информации до каде е дислокацијата на галиите и на некои споменици. Како што рече Шилегов, анализите кои ги прават институциите сè уште траат.

Tој информираше дека насобраниот отпад во и околу коритото на Вардар се расчистува бидејќи, како што кажа, приоритетна е заштитата кон граѓаните.

-Состојбата на подрумите на објектите околу реката Вардар јасно покажува дека залудно се потрошени милионските суми за изградба на објектите. Галиите, насипите и градежниот шут на коритото на реката Вардар ја намалуваат проточноста на водата и со тоа сериозно ја загрозуваат заштитата од поплави на Скопје, вели Шилегов.

-Искуството од само 2 дена врнење покажува што се може да се случи и што е големата опасност која што му прети на Скопје, рече Шилегов.

Таткото на градот пред медиумите изјави дека екипи составени од повеќе надлежни институции утврдуваат протокол дали некои од градбите на „Скопје 2014“ заедно со галиите ќе бидат дислоцирани.