Уставниот рок за доделување мандат, тече од денот на конституирање на новото Собрание. Доколку претседателот на државата не го додели мандатот во тој рок, на потег е парламентарното мнозинство, коешто има обврска, непосредно да го примени Уставот. Ова се оценките на д-р Светомир Шкариќ, експерт за Уставно право, во разговорот за ЦИВИЛ МЕДИА, анализирајќи ја актуелната состојба во државата пред клучниот чекор, формирање идна влада, а по конституирање на новото Собрание.
ЦИВИЛ МЕДИА: Собранието е веќе конститутирано, парламентарното мнозинство на 27 април 2017, на продолжената конститутивна седница го избра новиот претседател, Талат Џафери, којшто со допис го извести претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов. Вчера, во „Службен весник“ излезе и Одлуката, со којашто Џафери е избран за нов парламентарен спикер. Кога е крајниот рок претседателот Иванов да го додели мандатот на мандатарот на идната влада, Зоран Заев?
ШКАРИЌ: Уставниот рок е 10 дена од конституирање на Собранието, а моментот е изборот на претседателот. Тоа е строго толкување на Уставот, рокот тече токму од конституирањето на Собранието, што значи, од 27 април. Денот на објавување на Одлуката во ‘Службен весник’, не го условува уставниот рок, туку моментот на конституирање на парламентот. Ниту објавувањето на Одлуката, ниту дописот што се испраќа до претседателот! Клучен момент е денот на изборот на претседател на Собранието, со што се заокружува конституирањето на новиот парламент. Така што, Иванов има можност веднаш да го додели мандатот, да не чека 10 дена! Прво е конституирањето на Собранието, второ е одлуката за избор на претседател, што значи да се официјализира со објавување во „Службен весник“, но тоа нема правно дејство врз рокот за давање мандати. И трето, известувањето на претседателот на Собранието дека е формирано парламентарно мнозинство, со што му овозможува на претседателот на државата, да го даде мандатот и без да чека да истече рокот од 10 дена. Ова посебно е значајно, во услови кога многу прашања чекаат за разрешување од Собранието, како што се локалните избори.
ЦИВИЛ МЕДИА: Според тоа, рокот од 10 дена е изминат? Што ако претседателот Иванов, не го додели мандатот?
ШКАРИЌ: По истекот на рокот од 10 дена, Собранието е на потег. Изборот на владата е во рацете на парламентарното мнозинство, бидејќи сите уставни услови за доделување на мандатот се исполнети. Во случај претседателот да не го додели мандатот, тогаш Собранието непосредно го применува Уставот. Секој од нас има за задача – непосредно да го примени Уставот, ако некој орган го крши или не постапува според одредбите. Според тоа, Собранието има обврска непосредно да го примени Уставот и да ја избере владата. Изборот на нова влада е во рацете на парламентарното мнозинство, коешто произлегува од волјата на граѓаните, формирано на парламентарните избори одржани на 11 декември.
ЦИВИЛ МЕДИА: Значи, следен чекор е претседателот Џафери, да закаже нова собраниска седница?
ШКАРИЌ: Штом преседателот не го доделува, нема кој друг да го додели мандатот, затоа на нова седница парламентарното мнозинство има право да формира нова влада. Но, претседателот на Републиката не смее да го запира функционирањето на државните институции, туку да ја олеснува нивната работа, да дејствува повеќе морално и неутрално, како модератор на уставниот систем.
Моника Талеска