Шпанскиот автор Франсеск Миралјес гостува во Скопје

Сподели
ТРИ организира отворен настан со Франсеск Миралјес во петок (15 ноември) од 19 часот во Кафе Лабораториум  
Миралјес е еден од најчитаните странски автори кај нас, но и во светот.
Неговите дела  „Икигаи“, „Намасте“ и „Ичиго-ичие“ се продадени во неколку милиони примероци низ целиот свет. 

Големата книжевна средба ќе се случи овој петок, во „Лабораториум“, со почеток од 19 часот.

Читателите ќе имаат можност да се сретнат со човекот кој истражувајќи за своите книги, истражи многу за себеси и допре до тајните на источните мудрости, а важи за едно од најчесто споменуваните имиња низ книжарниците на ТРИ.

Влезот е отворен.  
Миралјес, кој е писател, новинар, пијанист и вечен патник и трагач по вистини, неодамна го читавме во „Намасте“. Па така, на оваа средба ќе ги чуеме неговите впечатоци и искуства од Индија, древната лулка на цивилизацијата, но исто така и од Јапонија, од каде што ја извлече тајната на долговечноста, како и од секоја друга точка на планетата што го поттикнува да истражува и да создава. Неговите согледувања и директното пренесување на дел од различните источни културни практики ткаат еден необичен книжевен мозаик, што му помага на современиот читател олеснето да издише и одново да се исполни со енергија и животен елан. 

Од ТРИ ве покануваат да дознаете повеќе за исцелувачката моќ на мантрата ОМ, отворено да позборуваме за страдањето, да се ослободиме од своето его, од стравот и вознемиреноста – заедно да го разбудиме својот творечки потенцијал. 
Миралјес досега има објавено неколку романи и книги од областа на филозофијата на живеењето, а од нив „Намасте“, „Ичиго-ичие“, „Ваби-саби“, „Икигаи“, „Посакувам да си тука“, „Барселона блуз“ и „Љубов со мали букви“ ги читавме во превод на ТРИ.  

Од ТРИ ветуваат незаборавна средба, како онаа од пред десетина години, кога Миралјес го промени животот на многу читатели. Наскоро создаваме нови мигови донесени од најдобрата книжевност од светот!