Швајцарија, Австрија и Белгија со нови правила за влез на наши државјани

Сподели

 

Од Министерството за надворешни работи (МНР) апелираат до граѓаните внимателно да се запознаат со новите правила за влез на македонски државјани во Швајцарија, Белгија и Австрија, кои веќе стапија на сила.

За Швајцарија повеќе не е во сила забраната за влез на државјани од трети земји, вклучително и од Република Северна Македонија, заради туристички или било каков друг вид престој, но само со потврда/сертификат за примени 2 дози од вакцина. Условот за поседување на негативен тест (PCR или Antigen), повеќе не се прифаќа како основ за влез за оваа категорија лица. Повеќе информации за видот на вакцината и условите за влез, може да се пронајде на следниот линк: https://travelcheck.admin.ch/check.

„Доколку лицето ги исполнува условите за влез во Швајцарската Конфедерација, потребно е до 12 часа пред влезот во Швајцарија, да го пополни формуларот кој се наоѓа на веб страна на Федералната канцеларија за јавно здравје на Швајцарија, или поточно на следниот линк: https://swissplf.admin.ch/formula“, информираат од МНР.

Од друга страна, Владата на Белгија воведува карантин за невакцинираните патници кои во Белгија ќе влегуваат од црвените зони меѓу кои е и Северна Македонија.

„Поради зголемениот број на нови „Ковид-19” пациенти во болниците во регионот на главниот град и пошироко во Белгија, веќе од утре (петок, 17 септември) ќе се воведат построги правила на карантин за патниците кои пристигнуваат од црвената зона. Оние кои не се целосно вакцинирани (две дози во соодветен временски интервал) или немаат сертификат за прележана болест, по пристигнувањето во Белгија од црвената зона, мора да поминат 10-дневен период на карантин. Карантинот може да се скрати ако резултатот од дополнителниот тестот на седмиот ден е негативен“, се наведува во соопштението на МНР.

За влез во Австрија, секој државјанин од нашата земја мора да обезбеди еден од следните докази: доказ за вакцинација или доказ за прележана ковид-19, што преставува единствен начин да се избегне карантин (самоизолација) од 10 дена. Карантинот може да биде прекинат по 5 дена со нов негативен резултат на ПЦР тест.

„Малолетниците до дванаесет години, исто така, мора да се изолираат и да се регистрираат при пристигнувањето, освен ако возрасниот што патува со нив не е ослободен од самоизолација; децата над 12 години мора да поседуваат доказ за вакцинација или доказ за прележана Kовид-19. За примена вакцина со единечна доза, мора да покажете дека сте ја примиле вакцината пред повеќе од 21 дена, но не повеќе од 360 дена) пред пристигнувањето“, информираат од МНР.

Повеќе информации за рестриктивните мерки за сите држави можете да најдете на веб страната на МНР, поконкретно на следниот линк: https://www.mfa.gov.mk/mk/page/1706/informacii-za-covid19.