Доколку политичките партии опстојат на датумот за избори на 11 декември, првиот датум кога Собранието треба да се распушти е 12 октомври за да може предвремените избори за пратеници, според Уставот, да се одржат во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Актот за распишување на изборите, пак, го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејства и денот на одржувањето на изборите. Најверојатно тоа, исто така, ќе се случи на 12 октомври.
Сепак, Собранието има уште два предизвика пред да ги распише изборите – законите за олеснување на работата на СЈО и гласањето на буџетот за 2017 година.
Откако претседателот на Собранието ќе ги распише изборите, течат и роковите до 11 декември:
- ДИК во рок од три дена од денот на распишувањето на изборите доставува барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување податоци за вработените во државната и во општинската администрација;
- МИОА ги доставува податоците за вработените во државната и во општинската администрација до ДИК во рок од пет дена од денот на добиеното барање;
- МВР ги доставува бараните податоци за граѓаните до ДИК наредниот ден по денот на распишување на изборите, на магнетен медиум, кои задолжително го содржат единствениот матичен број на граѓанинот;
- ДИК, најдоцна 10 дена од денот на распишувањето на изборите, го става избирачкиот список на јавен увид во своите подрачни одделенија и месни канцеларии. Јавниот увид трае 15 дена;
- Од денот на донесување на одлуката за распишување избори, политичките партии учесници во изборниот процес потпишуваат кодекс за фер и демократски избори;
- Изборната кампања почнува на 21 ноември 2016 година, а завршува на 9 декември 2016 година во 24 часот;
- Гласањето во Република Македонија почнува во 7 часот и трае непрекинато до 19 часот на 11 декември (недела) 2016 година.
Доколу на 12 октомври се распишат изборите, точните датуми за реализација на активностите се следни:
- 17 октомври – Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет-порталите) се должни да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес;
- 27 октомври – ДИК мора да го стави на јавен увид избирачкиот список. Јавниот увид трае 20 дена, до 16 ноември;
- 11 ноември – ДИК треба да ги објави описите на изборните единици;
- 18 ноември – ДИК мора да ги објави во дневен печат листите со кандидати за пратеници;
- 21 ноември – Почнува изборната кампања;
- 22 ноември – ДИК ќе им го достави избирачкиот список на политичките партии, а тие, во рок од пет дена, до 27 ноември, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци;
- 27 ноември – ДИК го потпишува избирачкиот список;
- 8 декември – Државната изборна комисија треба да го предаде изборниот материјал на општинските изборни комисии;
- 10 декември – Завршува изборната кампања и почнува изборниот молк;
- 11 декември – Предвремени парламентарни избори.