Претседателката во посета на Италија и Светиот Престол по повод „Македонија во чест на Св. Кирил“

Сподели

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува и ја предводи државно-црковната делегација во посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

На 23 мај, четврток, во Апостолската палата, претседателката Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск и ќе оствари средба со државниот секретар на Светиот Престол, монсињор Пјетро Паролин.

На 24 мај, петок, претседателката Сиљановска Давкова во базиликата „Сан Клементе“ ќе присуствува на молебенот во чест на Свети Кирил. Претседателката Сиљановска Давкова ќе ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, кадешто ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.

На 24 мај, петок, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари тет-а-тет средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела, по што е предвидена пленарна средба на делегациите на двете земји.

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Сиљановска Давкова во Рим ќе присуствува на концертот на Националната установа „Камерен оркестар од Битола“, настан во организација на Министерството за култура.

Во состав на државно-црковната делегација, што ја предводи претседателката Сиљановска Давкова се заменик министерот за култура, Онур Али, амбасадорот во Италијанската Република, Весел Мемеди, амбасадорката при Светиот Престол, Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Митрополитот Европски, г. Пимен.