Силјановска на средба во Софија со Радев без македонско знаме – Реакции

Сподели

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Софија оствари тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, по што се одржа состанок на македонската и бугарската делегација, на кој покрај претседателката Сиљановска Давкова присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

На средбата со бугарскиот претседател се разговараше за потребата од засилен развој на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете земји, за текот на пристапниот процес за членство во Европската Унија и искористување на бугарските искуства на тој пат, како и за можностите за поттик и унапредување на билатералната соработка во повеќе области.

Претседателката посочи дека се потребни постојан дијалог и разговор меѓу двете соседни држави членки на НАТО и позитивни примери од двете страни со цел градење на стабилни добрососедски односи.

Во тој контекст таа го истакна значењето на културната и јавната дипломатија, како и потребата за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, економијата и трговската размена и фокусирање на предизвиците од сегашноста, наместо фокус врз минатото.

Во разговорот со претседателот Радев, претседателката истакна дека македонските власти ги преземаат сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за земјава, регионот и за Европската Унија.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова ја истакна неопходноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа, размена на посети и градење на односи со меѓусебно почитување и поддршка, при што беше истакнато позитивното искуство во соработката на планот на културната размена, којашто придонесува за зголемување на довербата и пријателството помеѓу двете општества.

На средбата беа разменети мислења и за развојот на македонско-бугарските односи низ призма на предизвиците со кои се соочуваме на регионално и на глобално ниво, а за кои е потребен заеднички и усогласен пристап.

Во интерес на унапредување на мултисекторската соработка, соговорниците ја посочија можноста за вклучување покрај на институционалните и на вон-институционалните чинители, граѓанскиот и бизнис секторот, како и на научно – образовните институции и медиумите.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова упати покана до претседателот Радев за посета на нашата земја, која бугарскиот претседател ја прифати.

Од кабинетот на Сиљановска-Давкова велат дека сакаат да веруваат дека „се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното“.

„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“, соопштија од кабинетот на претседателката.

На фотографиите од средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, се забележува дека нема македонско знаме, покрај знамето од Бугарија и ЕУ.

Граѓаните на социјалните мрежи гневно реагираа на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по нејзината средба со бугарскиот претседател Румен Радев, на која немаше македонско знаме.

„Државничка посета без македонско знаме?“, „На која слика да го побараме македонското знаме? И ако го немале дали може да го убациме со фотошоп? Оти ова вака срамота“, „Каде е македонското знаме?“, „Претседателке, го допревте дното. Не само што го допревте почнавте да гребете по дното“, „Лажни патриоти насекаде. Гордана, кај ја остави државата што ја претставуваш?“, „Две бугарски знамиња и неиедно македонско. Срамота, Давкова!“ се дел од коментарите под објавата на претседателката.

Фејсбук статус на Ѓорѓи Спасов

“Силјановска отиде во Софија како приватно лице на пазар.

И како што фудбалските навивачи кога одат да следат некој меч, може попатно да се сретнат со некој од навивачите на противничкиот тим, така и таа отиде дури во Софија да го гледа Набуко, во изведба на македонскиот балет и опера и попатно, како сосема случајно, се сретна со Румен Радев и Јулијана Јотова.

Бидејќи сама си се поканила со намера да одглуми “културна дипломатија”, односно дека нешто прави на планот на добрососедските односи, таа беше дочекана како приватно лице кое дошло на кафе во канцеларијата на Радев, па домаќините со право оцениле дека не треба да ја третираат како државник од друга држава и да истакнуваат знаме од таа држава.

Таа се согласила однапред на приватен и понижувачки третман и да нема изјави по приватната средба.

Сигурно и кажале дека домаќините ќе и ги кажат сите оние работи што бугарската страна постојано ги повторува. А тоа е дека таа и Мицковски треба да престанат со предизборната реторика кон Бугарија,дека Бугарија нема намера да преговара одново со Македонија и дека ако Македонија сака да ги почне разговорите со ЕУ треба да ги исполни условите од преговарачката рамка да го почитува договорот за добрососедство и потпишаните протоколи.

Тоа ли отиде да го слушне Силјановска? Не. Таа и Муцунски биле свесни дека само тоа ќе им биде кажано и повторено, но решиле покрај операта да понудат и мал театар. Силјановска пред камерите се џитна во прегратките на Радев, ја изгушка и Јотова, задолжена за бугарските клубови во Македонија и пописот во Албанија, и во нејзин стил изјави дека разговарале, ама ништо не договориле.

И затоа некои бугарски медиуми овој дипломатски дебакл на Силјановска и Муцунски го оценија само како нејзин обид за фрлање прашина во очи на ЕУ и глума дека таа е отворена за разговори, за компромис ама клучните одлуки биле во надлежност на Собранието.

Се на се. Импровизациите во меѓународните односи лесно се препознаваат.Секоја средба на претседателите на држави мора да биде темелно подготвена, за да не стане како оваа, фијаско и глумење дипломатија па и срам за Македонија. Ако е тоа нејзиниот прв чекор за Македонија да ја направи повторно горда, тој чекор е конечно погрешен.”

И СДСМ излегоа со реакција.

“Секојдневно ДПМНЕ ги поткопува стабилните меѓународни позиции што ги изгради СДСМ. После посетата на Сиљановска и министрите на Мицкоски во Софија, сите граѓани без разлика на партиска припадност се понижени и засрамени.

Вчерашната реакција на кабинетот на Сиљановкса само потврдува дека Владата и претседателот на оваа држава ги лажат граѓаните. Како тоа биле тие измамени и непланирано се сликале на официјална фотографија? Како ако биле измамени да се фотографираат сите без македонското знаме, одма побрзаа да ги објават фотографиите на своите профили. Зошто објавиле фотографии ако целата ситуација била подметната?” – праша Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

“ДПМНЕ и Сиљановска ја вреѓаат интелигенцијата на граѓаните. Тие свесно се сликале, свесно објавиле и се пофалиле со скандалозната посета.

Со оваа посета на Софија, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ ја загрозија македонската самобитност и македонски идентитет. За прв пат еден македонски државник се сретнал со друг државник без никакви државни обележја и ова е скандал без преседан. Ова е навреда и омаловажување на државата и нејзините граѓани.

Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ иницираа дипломатски скандал со кој допуштија Бугарија да ја понижи и да избрише под со државата и македонските граѓани.

Ако ова е тоа што го може македонската дипломатија под водство на Мицкоски и Сиљановска, како тоа ќе преговараат подобри позиции во меѓусебните разговори? Сиљановска ли е таа која ќе ги води овие разгвори или пак Муцунски кој остана нем и без реакција на дипломатскиот скандал кој ни се случи?

Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет, а уште помалку достоинство за да преговара со Бугарија на било која тема. По овој скандал тие ја вратија државата години назад и ги нарушија сите позиции изградени претходно.”

МНР утре ќе го повика новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава Желјаско Радуков за случајот со непланираното фотографирање на претседателите Сиљановска и Радев без македонско знаме во Софија.