Синдикат на културата: Владата предлага убиство на синдикатите

Сподели

 

Откако го добивме Извадокот од нацрт записникот од 88 та седница на Владата на РСМ, како синдикат кој е еден од потписниците на Колективниот договор во културата, сме зачудени од предлог мерките од страна на Владата во однос на Колективниот договор во културата кој веќе трета година се применува со пропишана методологија за пресметка на плати, која од истава оваа социјалдемократска влада беше прифатена како прогресивна, стои во реакцијата од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), објавувајќи дека „Владата планира убиство на синдикатите“.

„Во време кога ЕУ поставува стандарди за 80% покриеност на правата на вработените со колективни договори, секое менување и поистоветување со постоечки нефункционални пракси кои во моментов генерираат проблеми кај различни категории на вработени во јавниот сектор се во суштина уназадување на правата на вработените и како такви ги отфрламе“, реагира СКРМ.

СКРМ остро застанува против Закон со кој би се утврдила методологија на пресметка и висина на плати, нешто кое сметаат дека треба да биде исклучиво преку Колективен договор.

„ Се’ друго е тоталитарен механизам кој им дава максимална контрола на работодавците, а со тоа го убива социјалниот дијалог“, велат од таму.

Според СКРМ, методологијата на пресметка на плати на административните службеници е неприфатлива, фиксирана во Закон и до ден денешен откако е донесена не соодветствува со реалноста.

„Законот за административните службеници постоеше и кога немаше КД во културата и пред потпишување на истиот, па сепак Министерството не направи ништо да им ги покачи платите на овие вработени согласно пропишаната методологија во Законот“, посочуваат од синдикатот.

СКРМ јавно ја повикува министерката Бисера Костадинова Стојчевска да го каже својот став во однос на мерките и препораките за намалување на расходите донесени од Владата на РСМ, дали истите ќе ги спроведе и дали доколку ги спроведе тоа би значело намалување на платите на вработените во институциите од култура во време, како што велат, на голема инфлација и криза, кога потрошувачката кошничка за едно семејство секојдневно расте и ја надминува дури и вредноста и на две минимални плати.

„Искрено се радуваме што и синдикатите од другите дејности во јавниот сектор го препознаа Колективниот договор во културата како позитивен пример (минимална плата вредност на единица коефициент) за спирално покачување на сите плати согласно порастот на минималната плата, а со тоа и подобрување на животниот стандард согласно трошоците за живот. СКРМ остро ќе се спротистави на секаков обид за намалување на платите во културата и е отворен за соработка со сите останати синдикати кои имаат иста цел, одбрана на работничките права и постоење на социјален дијалог“, велат од СКРМ.