Министерот за здравство Венко Филипче одржа состанок со сопствениците на приватните болници “Жан Митрев” “Систина” и “Ремедика”, на кој беше постигнат договор за обезбедување дополнителен капацитет од 100 кревети за третман на ковид-пациенти. Станува збор за ресурси што државата ќе ги користи од приватните болници, соопштија од Министерството за здравство.
-“Заеднички се договоривме тоа да биде болницата “Мала Богородица” – старата болница на “Систина” каде што може да се сместат 100 пациенти. Целосно ќе биде опремена од страна на сите приватни болници со нивни заеднички договор. Од таму ќе биде обезбеден и кадар и материјали. И за сето тоа соодветен надоместок согласно постојните закони ќе плаќа државата” – истакна Филипче.
Филипче појасни дека во болницата „Мала Богородица“ треба да се инсталира кислород, што ќе биде готово за неколку денови, и треба да се донесе опрема.
-“Секој ќе партиципира согласно можностите, согласно големината, согласно капацитетите. Така да, тој број на 100 кревети верувам дека во следниот период којшто доаѓа ќе биде сосем доволен оваа криза да се изменаџира”, посочи Филипче и додаде дека граѓаните нема да сносат дополнителен трошок, односно ќе биде на трошок на државата. Кадарот ќе биде целосно од приватните болници.