СЈО ја обжали одлуката на судот „бомбите“ да не се користат против Груевски

Сподели

 

Специјалното јавно обвинителество (СЈО) денеска поднело жалба до Апелацискиот суд во Скопје на одлуката на Кривичниот суд за издвојување на дел од доказите во обвинението за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, со кое СЈО ги гони лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 обвинети.

„Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по повод обвинителниот предлог на ова јавно обвинителство за насилството во Општина Центар, донесе решение за издвојување на дел од доказите предложени од ова јавно обвинителство. Ја известуваме јавноста дека денеска до Апелацискиот суд Скопје е поднесена жалба на ваквото решение на судот, поради суштествена повреда на одредбите од Законот за кривична постапка“, стои во соопштението на СЈО.

Од СЈО за „Мета“ велат дека решението на судот го добиле вчера, по што ја подготвиле жалбата и денеска ја доставиле до Апелацискиот суд.

Во него не е наведено конкретно за кои докази станува збор, но од СЈО потврдуваат дека станува збор за дел од прислушуваните разговори и за заштитениот сведок,  кои на последното рочиште, одржано на 16 декември минатата година, судијката Татјана Михајлова (актуелен в.д. претседател на Кривичниот суд Скопје, н.з.) ги  одби како докази во судскиот процес.

Михајлова тогаш излезе со образложение дека во согласност со законот за Кривична постапка и со Законот за заштита на сведоци, не е предвидено во ваков случај за насилство да биде користен заштитен сведок, додека за „бомбите“ образложението беше дека тие се прибавени на незаконит начин и спротивно на Уставот и на законите со кои се гарантираат човековите права.

Следното рочиште за случајот, кој во јавноста е познат и како „Шамари“, е закажано за 22 февруари годинава.

meta.mk