Специјалното јавно обвинителство денеска ќе отвори две нови истраги. Деталите за истрагите обвинителите на СЈО ќе ги објават во 12 часот (наместо претходно најавениот термин, еден час порано) на прес-конференција во просториите на обвинителството.
Вчера обвинители и истражители од СЈО влегоа во Управата за безбедност и контраразузнавање со две судски наредби за прибирање документација поврзана со необјавената предистражна постапка за нелегалното прислушување.
– Во наредбите стои дека треба да ги преземеме сите мерки што се доставени од судовите од 2008 до 2015 година и сите разговори што се снимени во тој период. Сè уште работиме на тоа. Соработката оди тешко – рече синоќа Катица Јанева.
Последната прес-конференција на СЈО беше на 28 септември, кога обвинителството отвори нова истрага наречена „Трезор“, во која осомничени се три раководни лица од Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице од МВР.