Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите најави дека денеска напладне ќе одржи прес-конференција. Од СЈО не соопштуваат која ќе биде темата на прес-конференцијата.
СЈО минатата недела на својата веб страница го објави шесмесечниот извештај во кој е наведено дека досега обвинителите ја анализирале содржината на 515.572 аудио фајлови, односно во обработка се 85% од вкупниот број на прислушуваните разговори. Изработени се 1.784 транскрипти каде врз основа на преслушаните разговори постои индикација за сторено кривично дело.
Во процес на анализирање од СЈО, како што е истакнато во извештајот, се повеќе од 100.000 аудио фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број разговори претставуваат предмет на незаконско следење на комуникациите.
Во извештајот се нагласува дека и покрај изразената подготвеност и упатените укажувања, не се преземени мерки за изготвување на законски решенија со кои би се решила правната положба на Специјалното јавно обвинителство.