Специјалното јавно обвинителство не ги коментира изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој вчера, по повод 26. роденден на партијата, меѓу другото, изјави дека СЈО го изгубило својот кредибилитет и дека работи непрофесионално и под диктат на СДСМ.
„Како што сме изјавиле повеќепати, ова јавно обвинителство не коментира политички изјави“, кратко одговараат од кабинетот на специјалната обвинителка Катица Јанева, на барањето за коментар на изјавите на Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека една од новите стратегии на СЈО е со отварање истраги и барање притвор за членови и за функционери на партијата се прави притисок врз судот.
„Не знаејќи како уште повеќе да го притискаат судот, партиски мотивираното водство во СЈО почна да отвора истраги за сè и сешто, празни истраги без елементарен доказен матерјал. Ова е една од новите стратегии на СЈО. Целта не е само да се компромитираат и јавно осомничат политичарите дека за нешто се виновни, со самиот факт што се повикуваат во судот и се товарат, туку и да го доведат во ситуација самиот суд, празните пријави да им ги отфрла и по некое време да направат долга листа на отфрлени пријави, со која повторно компромитирајќи го судот дека им ги отфрла сите или најголем дел од пријавите, да се обидат да му прават притисок, за истиот, за да не е под притисок, да почне да прифаќа истраги или обвиненија без докази“, рече Груевски.