Скопје чита: ЛИФТ – Миле ПАПАЗОВСКИ

Сподели

 

Лифтот од зградата каде живееме… стар борец од 1964 година… вистински раритет… се чудам како кутриот издржал толку врати трескање, толку преоптоварувања… еден единствен лифт во зграда со 8 ката, 32 стана и најмалку 130 корисници.
 
Го користам секој ден… нежно ракувам со него… со дикат… со усул… ја придржувам вратата да не тресне зашто граничниците за затворање одамна се украдени… се’ што допирам допирам со книжно марамче зашто се плашам од инфекции… на подот честопати има отпадоци… маски… марамчиња… се’ што не сакаш да видиш патува горе-доле додека не дојде хигиеничарката… очи отворам 24 да не ме подбере Ковидот по вторпат оти ако ме подбере нема враќање меѓу живите… само во мртовечки ковчег и правец Бутел.
 
Излегов да одам на доктор за контрола и совети, а на вратата од лифтот соопштение дека лифтот е во дефект… се вратив дома…
 
– Демелза, лифтот не работи… да не има има избори па лифтовите НЕНАМЕРНО ги исклучуваат?
 
– Не, нема… изборите минаа… знам дека не работи… ама ти сепак оди на доктор… здравјето е најважно… симни се по скалите… додека се вратиш лифтот ќе го поправат.
 
Безусловно си ја слушам мојата животна сопатничка Демелза и тргнав по скалите надолу…
 
Со матичната докторка си направив убав муабет… ме подучи да не бидам во точноста ко Девица… прецизен до злабога со дозите што ги земам туку да ги намалувам заради високите температури и мноштвото години што ги имам. Прекрасна докторка… ме потсетува на мојата докторка… на ќерката… на Сплит… на убавини…
 
На враќање Демелза на мобител ми прати список со намирници кои треба да ги пазарам во ВЕРО…. се натоварив ко магаре… пот ме облеа додека стигнав до Ибицата…
 
Елем, стигнувам пред зграда и ја прашувам Демелза:
 
– Го поправија лифтот?
 
– Не, се’ уште не го поправија… еве ме идам долу да ти помогнам во носење на пазареното…
 
Ми зеде половина од купените работи и ко гулабица во полна снага и најубави години летна по тоа скалите… а јас пуф-туф… се качувам скала по скала… се качувам со десната нога, а со левата се потпирам зашто пост оперативно таа ми ја оставија покуса и помалку употреблива… колатерална хируршка штета на моја сметка.
 
Минува крај мене еден млад комшија… во еден здив рипа по две скали угоре и ме прашува:
 
– Како е?
 
– Никако… дојде времето за умирање…
 
За мене качувањето беше многу напорно… и’ велам на левата нога:
– А да ја одмениш десната нога и скала по скала да ме качиш неколку ката погоре… ме послуша…
 
Конечно 8-ми кат… и’ покажувам на Демелза прст преку уста… демек ништо да не ме прашува додека не соберам душа… додека не дојдам до здив… а здивот заради Ковидот… ПЛИТОК…
 
Ова ПЛИТОК ме потсети на еден муабет во ЈНА:
 
– Јел крокодил лети?
 
– Друже капетане, лети, лети али ниско, ниско.
 
И Миланче така… лета… лета… ем ниско… ем плитко…
 
По препорака од матичната лекарка… вечерта ја намалив дозата од лекови и многу поубаво се почувствував… ми ѕвонат нејзините зборови: “Биди сам свој доктор”… убаво е кога имаш љубезна и добро поткована докторка… машала, се’ си знае…
 
Колку е убав денот и ноќта кога не мораш со пешачење низ соба да ги поправаш прејаките дози.
 
Убав е животот… особено ако некој те мисли каде и’ да е… Демелза утрово ми прати фотка од море да исплакнам очи… не прашувајте зошто и јас не сум со неа… некој мора да чува пес, мачка и да вади цвеќиња во два стана.
 
Миле Папазовски