Public room, 23-27 ноември
Мото на шестото издание на „Skopje Design Week“ е „Blooming Makers“ (Млади брендови во подем), со цел се поттикнат и поддржат локалните дизајнери во нивниот поход кон освојувањето на регионалниот и интернационалниот пазар, но и да им се даде самодоверба за повидливо присуство на домашниот пазар.
Во моментов отворен е конкурсот за учество на шестото издание на „Skopje Design Week“. Дизајнерите, студијата за дизајн, компаниите, продавниците, фабриките, застапниците и дистрибутерите кои сакаат да ги изложат и продаваат своите производи за време „Skopje Design Week 2016“ можат да се пријават до 30 октомври. Производите можат да бидат од најразличен формат, материјали и бои, но значајно е да имаат истакната употреблива вредност и пазарен потенцијал. При селекција на предложените производи и брендови предност се дава на производите кои ги задоволуваат следните критериуми: функционалност, пазарен потенцијал, цена на чинење и естетика.
Деталната пријава за учество може да се најде на официјалниот сајт на „Skopje Design Week 2016“.
До 30 октомври ќе биде отворен и конкурсот за дизајн на престилка, кој е наменет за студенти, а кој „Skopje Design Week“ го реализира во соработка со Италијанската стопанска комора во Скопје. Наградата за најдобриот дизајн ќе биде учество на летна школа на Академија Италијана во Фиренца во текот на 2017 година. Деталите за конкурсот може да се најдат на сајтот на „Skopje Design Week“.
Земја во фокус на шестото издание на „Skopje Design Week“ е Австрија, од каде доаѓаат 28 изложувачи. Организаторите со гордост ја најавуваат досега најголемата изложба на земја во фокус воопшто презентирана во Скопје.
„Во однос на презентациите го најавуваме гостувањето на еден од најуспешните дизајнери од регионот, Зоран Једрејчиќ, кој ќе го претстави концептот на Белградскиот саем за мебел, односно новата акција за Дизајн брендови од регионот и нивно директно поврзување со интернационални купувачи и дистрибутери. Маја Лалиќ и Александар Велиновски ќе ја претстават платформата „Балканска дизајн мрежа“, нејзиното проширување во поглед на членки и настапите на подалечни дизајн-фестивали“, велат организаторите.
Оваа година за првпат ќе бидат доделени награди за Најперспективен бренд и Студентски дизајн, а програмата ќе биде дополнета со две работилници за деца, музички настапи во живо секоја вечер на сцената во „Јавна соба“, како и со кулинарски настани.
Неделата на дизајнот во Скопје е фестивал на кој се претставуваат нови и иновативни дизајн-решенија на производи, графички дизајн, брендови, ребрендирања и кампањи на производи, како и моден дизајн, а на скопската мапа на иновативноста, креативноста, вкусната кујна и доброто расположение е вцртана од 2011 година.
Влезот за време на фестивалот за сите посетители е слободен.